На 43 то Европско Првенство за кадети/јуниори до 21 година, кое се одржа во Лимасол-Кипар, карате репрезентативците од Прилеп повторно освоија медал од елитно натпреварување. Ката тимот на Македонија во состав близначките Маријана и Мишела Димоски и Киријана Камческа го потврдија својот квалитет и на европското првенство во Кипар. Во неполни три месеци по освојувањето на сребрениот медал од Светското Првенство во Ноември 2015 Џакарта-Индонезија, освоија и злато на Балканското Првенство во Дубровник во Декември 2015, а веднаш на стартот на 2016 на ЕП во Лимасол-Кипар, каде настапија најдобрите млади каратисти од 48 европски земји, освоија бронзен медал.
Иако имаа тежок ждреб во група каде беа фаворитите Германија, Шпанија, Словачка, македонскиот ката тим во прво коло ја елиминира Германија, со што по втор пат германската репрезентација доживеа пораз по оној од СП Џакарта, каде исто така беа елиминирани од македонскиот тим. Русија во меѓувреме ја победи фаворизираната Словачка, а македонскиот тим потоа убедливо ја совлада Русија со 4-1. Во оваа група во мечот за финале со тимот на Шпанија нашите девојки настапија силно мотивирани и самоуверени, посебно што истиот овој тим на Шпанија го победија на СП Џакарта во прво коло, кој до тој момент беа актуелни светски шампиони.
Во меч во кој убедливо нашите девојки без подобри од Шпанија загубивме тесно со 3-2, со одлука на судиите која наиде на негодување во салата, но и кај многу тренери на репрезентации, бидејки очигледна беше пристрасноста на дел судиите ( судеше судија од Португалија кој е Шпанец ). Видна беше разочараноста на девојките за одземената победа со Шпанија, но и финале на европско првенство. Само пред два месеца на светско првенство со судии од Азија, Океанија, Америка, Африка, надвор од европското лоби издвојувавме чисти победи над најслините репрезентации, истите две и на ова ЕП, Германија, Шпанија, Иран … Во мечот за бронза девојките извојуваа победа над тимот на Белорусија, но наместо да се радуваат очигледна беше нивната разочараност. Во другата група во финале влезе Италија, која загуби од тимот на Шпанија. Шампион на Европа стана Шпанија, втора Италија, а финалистите од светското првенство во Џакарта, Македонија и Франција се трети, без медали останаа фаворизираните тимови на Германија, Турција, Словачка.
Но сепак освоената бронза на ЕП е потврда на врвниот квалитет на овој препознатлив македонски ката тим, во кој покрај близначките Мишела и Маријана заедно со Киријана, Искра во јуниорска кункуренција и близначките со Пуликсенија Јованоска во сениорска конкуренција, за неполни три години имаат освоено сребрен медал на светско првенство Џакарта 2015, две бронзи од европски првенства Лисабон 2014 и Лимасол 2016, злато на Карате Оне Премиер Лига Истанбул 2015, како и бронза на Премиер Лига 2014 и многу балкански шампионски титули.