Изградбата на новиот Луна парк во Скопје се проценува на 6,5 милиони евра. На тендерот се пријавиле десет македонски фирми. Од Градот информираат дека периодов што следи ќе треба да извршат евалуација, а потоа понудите да минат на електронска аукција и да се направи конечниот избор, пишува Република.
Градските власти сега бараат фирма за изведба на првата фаза од забавниот парк, т.е. за инфраструктурните работи. Проценето е дека тоа ќе чини околу 1,4 милион евра. Проценетата вредност, пак, за изведба на целиот проект (паркот со сите комплетни содржини и реквизити) е 6,5 милиони евра. Со проектот треба да се избере изведувач за градежни работи за партерно уредување со надворешна инфраструктура во забавниот парк и за изградба на придружни објекти, влезен портал, гардероби, работилница, магацин и тоалет.
Новиот Луна парк ќе се протега на површина од 82.000 квадратни метри, на местото на постојниот. Освен реквизити за возење, во паркот ќе има и објекти за служење храна и пијалаци, за продажба на сувенири, затворен дел за играње, паркин. Проценето е дека новиот Луна парк годишно ќе има 200.000 посетители, најмногу семејства и деца до 15 години.