Драматични фотографии од вчерашната борба со пожарите во прилепско Мариово: Борба за спас на манастири и населени места!

Драматична и тешка беше борбата со огнените јазици во текот на целиот ден вчера во прилепскиот дел на Мариово. Огнот се закануваше да го проголта селото Крушевица, се водеше макотрпна борба и над манастирот Св. Никола кај село Прилепец, а доцна синоќа огнените јазици се проширија и во близина на манастирот Св. Димитрија кај село Селце.

Ништо поразлично не беше ниту кај село Бонче.

-Ситуацијата во одредени моменти беше навистина алармантна, што не натера да објавиме апел до сите граѓани кои се чувствуваат подготвени да помогнат во активното локализирање на пожарот на најкритичните точки. Упатуваме огромна благодарност до сите екипи и доброволци кои со своите напори го спречија огнот да се доближи до објектите во населените места. Посебна благодарност и до екипата на Црвениот крст, која ја посети областа, доставувајќи храна и вода до жителите, особено во населените места кои беа без електрична енергија поради огнената стихија – стои во последното известување од општина Прилеп и општинскиот кризен штаб.

Фотографиите од терен покажуваат со колку голема огнена стихија се справуваат пожарникарите, доброволците, припадниците на војската и полицијата. Изморени и речиси без здив, но борбата ја продолжуваат. Едно големо браво!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.