Во северниот дел на Косовска Митровица рано утрово се слушнале сирени, луѓето излегле на улици, а како што јавува дописник на РТС, се слушнале и истрели.
Специјалните сили на косовската полиција влегле во северниот дел на Митровица, наводно со објаснување дека трагаат по осомничените за убиството на Оливер Ивановиќ.
Косовските специјалци од единицата РОСУ со повеќе од 40 возила ги заселе утрово сите стратешки пунктови во северна Косовска Митровица и уапсиле четворица Срби.
Како што пишува српски “Teлеграф” на пладне во овие делови ќе биде одржен мирен едночасовен протест поради воведувањето на двојни такси за српска роба.
Од РОСУ го уапсиле и водачот на навивачите на Партизан во Митровица.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ од утрово има вонредни состаноци со шефовите на војската, полицијата и други безбедносни служби.
Неговиот косовски колега, Хашим Тачи, вчера во очи на упадот на единицата на северот од Косовска Митровица, со своите советници Блерим Шалјо и Ардиано Арифај, ја посетил Амбасадата на Велика Британија во Приштина.
Претседателот Александар Вучиќ моментално е на состанок со амбасадорот на Кина, Ли Манчанг, а во 11 часот ќе се состане и со рускиот амбасадор Александар Чепурин.
На Косово и Метохија и денеска нема српски весници. Косовските цариници не дозволиле весниците да поминат поради наводно нерегуларна документација.