Донесен буџетот на општина Прилеп за 2017 година

Советот на општина Прилеп денеска на 58-та седница го усвои предлог буџетот на општината за 2017 година. Буџетот изнесува 1 милијарда 66 милиони 807 илјади денари ( 1.066.807.000 ден. ).

gradonacalnik-640x427

Според градоначалникот, Марјан Ристески, во буџетот се предвидени многу капитални проекти кои ќе се реализираат и ќе го подобрат квалитетот на живеењето на сите жители на општина Прилеп и во голем број сфери од општественото живеење.

-Од капиталните проекти се предвидени реконструкција и изградба на стадионот „Гоце Делчев“, доизградба на училиштето во населбата Сточен пазар, ќе има доста инвестирања околу асфалтирањето на улици, изградба на голем број тротоарни површини и плоштади, уредување на зелените површини, инвестиции за подобрување на квалитетот на образованието и во основните и во средните училишта, вклучувајќи го тука и музичкото училиште. Исто така ќе има инвестиции во областа на културата и спортот, и се она што го сочинува општественото и економското живеење во нашиот град. Се надевам дека наредната година ќе имаме доста поуспешна година, имајќи предвид дека после изборниот процес ќе се надмине и кризата, бидејќи оваа година подолг период имавме криза и повеќе одложувања на предвремените парламентарни избори што се одрази на целокупното работење, живот и економија во нашиот град. Се надевам дека 2017 година ќе биде порелаксирана во тој поглед, освен локалните избори. Се надевам дека ќе имаме една мирна политичка година каде ќе имаме уште повеќе инвестиции во градот и подобрување на квалитетот на живеењето во секој сегмент, изјави Марјан Ристески, градоначалникот на Прилеп.

Според Драге Звездакоски, раководител на одделението за финансиски прашања, основниот буџет на општина Прилеп тежел 408 милиони денари, буџетот од блок дотации 577,12 милиони денари, буџетот од самофинансирачки активности 66,98 милиони денари, а буџетот од донации бил 14, 93 милиони денари.

pratenik-1-768x512

-При тоа како приоритетни проекти кои ќе се финансираат за 2017 година се : одржување и заштита на локалните патишта на територијата на општина Прилеп за што се предвидени 71,5 милиони денари, за одржување на јавното осветлување, негова реконструкција и изградба се предвидени 33 милиони денари, за реконструкција на градскиот стадион како дел од заедничкиот проект со ФФМ ќе се потрошат 30 милиони денари, за поддршка на културните манифестации и изградба на споменици 12,5 милиони денари. 11,5 милиони денари ќе бидат дадени за изградба на кејски ѕидови на градска река и регулирање на отпадните води, односно изградба на системи за прифаќање и изградба на отпадните води . 7 милиони денари ќе бидат наменети за изградба на тротоари, пешачки патеки и пешачки мостови на градска река. 9,6 милиони денари се наменети за завршување на започнатата изградба на подрачното основно училиште кај населбата Сточен пазар. Исто така пари во буџетот ќе бидат обезбедени за финансирање на годишните оперативни планови на Јавните претпријатија во износ од 52 милиони денари, од кои ЈКП „Комуналец“ ќе добие 40 милиони денари, ЈКП „Пазари“ ќе добијат 4 милиони денари и ЈП за ПУП кое стопанисува и го покрива и Јавниот градски превоз ќе добие 8 милиони денари. При тоа 3 милиони денари се обезбедуваат за покривање на трошоците за учениците од средните училишта кои го користат градскиот превоз на локалните линии, рече Драге Звездакоски, раководителот на одделение за финансиски прашања.

sobranieprilep-768x512

Исто така 3,5 милиони денари ќе бидат обезбедени како финансиска поддршка за финансиска санација на состојбите во Домот за стари лица во Прилеп, а тука немало да изостане и тековното функционирање на општинската администрација, велат од советот и градоначалникот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.