Договорот со ФРОНТЕКС – Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ќе биде потпишан на македонски јазик

Во 2015 година со разгорувањето на мигрантската криза, која ги засегна и нашите граници, на македонско – грчката граница беа распоредени европски полициски сили кои и помагаат на македонската гранична полиција во заштитата на границата. Со започнувањето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, се создадоа услови распоредувањето на полициските сили на ФОРНТЕКС да биде регулирано со договор кој ќе биде потпишан на сите јазици на Европската унија и на македонски јазик, без никаква задршка.

Да се потсетиме, според ФОРНТЕКС на балканската мигрантска рута во текот на 2015 година имало 885 000 нелегални минувања на границите и во тој период се случуваа непријатни сцени на нашата јужна и северна граница. Ова беше причина и за воведување на вонредна состојба на делови од нашата јужна граница, а следствено и причина за започнување на соработката во заштитата на македонската граница меѓу нашите полициски сили и оние на земјите од ЕУ.
Со потпишувањето на Договорот, според информацијата од МВР, се создаваат неопходните правни предуслови коишто ќе овозможат непосредна соработка меѓу надлежните органи на двете договорни страни, за ситуации кога членови на тимот на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража имаат извршни овластувања на територијата на Република Македонија, а во контекст на управувањето со миграциските текови и сузбивањето на незаконска миграција и прекуграничен криминал во земјава.

Европскиот совет донесе одлука за потпишување на Договорот за ФРОНТЕКС со Македонија и ја испрати нацрт-одлуката за склучување на договорот до Европскиот парламент за негова согласност. Договорот ќе биде преведен на 25 јазици, меѓу кои и на македонски и доставен до земјите членки на Европската Унија.

И владата на денешната седница го разгледа и усвои и Извештајот од Министерството за внатрешни работи за извршени преговори со усогласен текст на Договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија (ФРОНТЕКС) и го разгледа и прифати усогласениот текст на Договорот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.