Доаѓа време за македонскиот кавијар: Рецепт за кралот на зимата

Почетокот на есента освен по бојосувањето на природниот колаж со жолто – портокалова боја, кај нас е популарен и по една вечна традиција за подготовка на зимници. Овој стар аманет се пренесувал од постарите на помладите домаќинки од порано, така и денес.

Се она што плодната македонска земја им го донела како благодет на земјоделците, се она што е краен резултат на нивниот труд и нивната пот, се спрема и подготвува за ладните месеци во зимата. Компоти, мармалади, сторена зелка, туршија, домата, се само дел од понудата на трпезата секоја година.

Македонскиот народ има обичај да во подготовката на зимниците бидат вклучени сите членови од семејството. Подготовките и спремањето се еден вид на ритуал, редослед кој мора да биде запазен, за да крајниот производ зрачи и повикува за дегустација.

Од целиот процес на подготовката на зимница, она што остава особено најголем впечаток и што во себе го носи целиот шмек на традицијата е подготовката на Ајварот, кој би го нарекле крал на есента во Македонија.

Тетки, стринки, братучетки се верни придружнички при подготовката, секоја со своја задача и свој придонес. Растрчани домаќинки, големи количества на пиперки, миење и бришење на секоја од нив, долго печење над оган, лупење, мелење, повторно на оган во голем казан, зачинето со сол и зејтин и можеби некој модар патлиџан, до крајниот резултат.

Можеби кај новите млади домаќинки оваа напорна рачна работа не е привлечна на прв поглед, но би ги замолиле да не им ја ускратуваат среќата на сите во семејството и домашно приготвениот ајвар го заменат со купечки, индустриски, кој ни од далеку не наликува на оригиналниот.

Овој неверојатно вкусен производ значи детска радост, носи насмеани лица на сите, од мало до големо. Популарно наречено лепче и ајварче, е првото нешто што ќе ви текни секој ден, се до последната залиха, до последната тегла.
Мирис кој освојува и исполнува душа, топлина која блешти од сите македонски дворови, го потиснува есенскиот дождец и ладните утра. Од секој сокак и од секое маало горат огнови, се подготвува големиот македонски специјалитет АЈВАРОТ.

Со овие зборови би сакале да го зголемиме вашиот апетит и да ви го пренесиме мирисот на свежо приготвен ајвар, што би ве натерало час поскоро да потрчате до соседниот двор со парче леб во рака доколку немате приготвено свој.

Eве еден од домаќинските рецепти за правење АЈВАР:

Состојки:

10 килограми црвени пиперки

3 модри домати

масло по желба

1 голема лажица шеќер

Подготовка:

Пиперките треба убаво да ги измиете, да ги испечете па подоцна да ги излупите, истата постапка и со модриот домат. Откако убаво ќе ги излупите пиперките и откако ќе ги иавдите семките, ги ставате во машина за мелење. Истата постапка и со модрите патлиџани.

Потоа смесата ја ставате во голема шерпа и потоа на оган го пржите ајварот, откако водата ќе испари се става зејтин и шеќер. Зејтинот се става на секој 20 минути и смесата треба да се меша непрестано бидејќи маслото не смее да излезе на површина.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.