„Длабоко сме повредени од богохулноста и непристојното исмевање на Господ“ – Бигорскиот манастир бара извинување

Бигорскиот манастир бара извинување од организаторите на Вевчанскиот карневал, за, како што пишуваат, исмевањето на Господ.

„Длабоко повредени од непристојноста и од богохулното исмевање на Божествената Личност на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, воедно и на Сечесниот Крст, на т.н. Вевчански карневал, гласно повикуваме на јавно извинување од организаторите и од учесниците во тоа несреќно светогрдие, како и на превенирање на слични случувања во иднина. Се сеќаваме дека кога во минатото токму на овој карневал се случи поигрување и со чувствата на верниците од исламска вероисповед, што предизвика бурна реакција на муслиманите во Македонија, се воспостави една своевидна практика да се избегнуваат маски со содржини коишто ќе предизвикуваат навреда кон верските чувства – нешто што како апел беше упатено и од општинската власт во Вевчани. Оттука, се прашуваме зошто, имајќи го предвид негативното искуство од минатото, сега некој решил да ги злоупотреби и христијанските симболи, и тоа на еден најпонижувачки и најнедостоинствен начин? Секако, според нас, поигрувањето и исмевањето со верските чувства на која било верска деноминација е злодело за кое се одговара не само пред Божјиот, туку и пред државниот суд. По овој немил повод, би сакале повторно да напомнеме за карактерот на овие световни манифестации, со коишто на еден потполно туѓ на нашиот менталитет начин, се одбележува споменот на Св. Василиј Велики и почетокот на Новата година според Јулијанскиот календар“, се вели во реакцијата од Бигорскиот манастир.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.