Најавена на сцената како поп дива од прекрасната Македонија чиј фан клуб ја очекува во публиката, Калиопи со своите импресивни вокални способности и енергија на сцената, го забележа, според добиените коментари, најмоќниот настап вечерта.
Концертот се одржа во прекрасната сала Известиа, пред околу илјада гости, а истата вечер настапија и евровизиските претставници на Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Израел, Малта, Молдавија, Шпанија, Швајцарија, Кипар и домаќинот Русија.
Следена на секој чекор од своите фанови, коишто ја паметат по нејзиниот настап од Баку, во 2012-та година, Калиопи подели бројни автограми на специјално организирана средба со својот фан клуб од Москва, а беше дел и од официјална пресконференција, посетена од голем број новинари и телевизиски екипи.
„Пресреќна сум што сум во Русија, земја со прекрасен народ и богата историја, а за мојата прекрасна земја Македонија на Евровизија ќе се потрудам да донесам песна и настап коишто ќе се паметат многу долго. Евровизискита фанови ме вратија на Евровизија и со голема среќа ја прифатив поканата од Македонската телевизија, бидејќи повторно ја добивам можноста да направам нешто за мојата земја, но и за нив, моите евровизиски фанови“, изјави Калиопи на пресконференцијата.
Меѓу медиумите коишто со задоволство очекуваа повторно да ја видат Калиопи беа не само специјализираните евровизиски портали, туку и националните телевизии на Азербејџан, Русија, Белорусија и Украина.
Следниот промотивен настан е Eurovision in concert закажан за 9-ти април, во Амстердам. Станува збор за најголемиот промотивен евровизиски концерт, каде што годинава учество ќе земат 25 земји.