Деца за пример: Учениците Искра и Олег од Битола ја претставуваа Македонија на Олимпијада по природни науки во Богота – Искра освои бронзен медал

На покана на градоначалникот, Тони Коњановски, денес, општина Битола ја посетија двајцата ученици од прва година од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ Искра Нечаковска (15) и Олег Трајковски (15) кои беа дел од државниот тим на Македонија на 19 Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки што се одржа во Богота, Колумбија од 2‐12 декември 2022 година. На денешната средба со градоначалникот, Искра и Олег, раскажаа за поддршката од нивните ментори, за големите знаења и искуства кои ги стекнаа во Богота, но и за бронзениот медал кој го освои Искра. На олимпијадата се натпреваруваа 220 учесници од 44 земји од сите континенти.

„Се подготвувавме уште од државните натпревари, бидејќи требаше да одиме и на селекциони натпревари. Беше навистина прекрасно искуство. Благодарни сме за целата поддршка што ја добивме од сите професори и сме горди што навистина постигнавме многу. Имаше три дела од натпреварот и сите беа во различен ден, два теоретски и еден практичен дел со експерименти. Секој дел траеше 3 – 4 часа.“, рече Искра Нечаковска, ученичка во прва година во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“.

Општина Битола, овозможи финансиска поддршка за двајцата средношколци кои ја претставуваа Битола во Богота, а преку наградување на успешните ученици, општината продолжува да биде поддржувач на талентираните и трудољубиви млади луѓе:

„Денес имам чест и задоволство да ни бидат гости, двајца млади луѓе со нивните професори, Искра и Олег кои учествуваа на 19 Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки, на која Искра освои бронза. Но, тие се сите победници, со самото учество на оваа олимпијада. Тие потврдуваат дека Битола, навистина има големи капацитети. Општина Битола даде поддршка за нивното патување, но и понатаму ќе продолжи да стимулира вакви подвизи, да ги наградува овие млади луѓе. Им посакувам да не презентираат во најдобро светло и да останат да напредуваат во Битола и Македонија. Од минатата година, воспоставивме и нов начин на наградување на талентираните и наградените ученици, за што имавме голем интерес и оваа година продолжуваме со уште попрецизни критериуми, со цел секогаш да овозможиме поттик за успехот на учениците “, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.