Дефиле на маски, забава и изложби- Прилеп во духот на традицијата за Прочка

karneval-procka-prilep

При крај се подготовките за 15-тото јубилејно издание на меѓународниот карневал „Прочка 2016“, кој ќе се одржи на 13 март годинава.

Карневалот како и секоја година така и оваа, ќе биде проследен со богата културно-уметничка програма, дефиле на маски, изложби, маскенбалски забави.

-Во петок во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ свечено ќе биде отворена традиционалната изложба на цртежи и маски, на која со свои креации ќе учествуваат ученици од сите основни и средни училишта. Карневалот ќе започне во сабота, со детскиот карневал, со парада на жонглери, акробати, кловнови, мечкари и мажоретки во центарот на Прилеп, посочи градоначалникот Ристески во својата изјава.

Најавени се учества на групни маски од: Албанија, Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Италија, како и маски од повеќе градови и населени места од Македонија – Струмица, Кавадарци, Вевчани, Сопот, Пробиштип, Берово, Охрид.

Оваа година бидејќи се одбележува јубилеј од 15 години постоење, општина Прилеп изготви монографија која дополнително ќе биде промовирана.

Со одлука на Советот на општина Прилеп, за време на карневалот работното време на угостителските локали е продолжено за 2 часа, а за влез во сите кафетерии и дискотеки гостите задолжително треба да носат маска. Организаторите ги поканија сите добронамерници кои сакаат да доживеат нешто необично, величествено и хумористично да повелат овој викенд во Прилеп на меѓународниот карневал „Прочка 2016“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.