Детските ангелски гласови го разубавија празничното славје во Божјиот храм Св. Петка во населбата Точила (ФОТО+ВИДЕО)

Денес, кога Црквата Христова го чествува споменот на божјата светителка и наша преподобна мајка Света Параскева – Петка, во истоимениот храм во населбата Точила во Прилеп, беше отслужена Света Литургија.

На божествената служба посебна радост донесе детскиот црковен хор при црквата, чии млади хористи молитвено го збогатија литургиското торжество.

Присуството и на многу други дечиња за време на литургијата, со право може да се каже дека денес овој храм се здоби со епитетот “Света Петка на децата”.

Нека преподобната мајка Параскева со нејзините свети молитви ги закрилува сите кои со љубов го чествуваат нејзиниот спомен.

На Многаја лета и во здравје и спасение!

Инаку детскиот црковен хор е формиран пред неколку месеци оваа 2018 година. Неговите млади членови ги има од 5 до 15 годишна возраст. Хорот работи под раководството на магистер Гоце Секулоски.

Во хорот дечињата имаат можност да се запознаат со музиката, хорското пеење, како и со богатото духовно музичко наследство на Православната Црква.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.