“Денеска се распишуваат избори?”

Денеска со почеток од 11 часот Собранието на Република Македонија ќе ја одржи својата 61 седница, на која како единствена точка на дневниот ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на државата и четирите уставни измени кои ги предлага Владата, а кои претходно го поминаа филтерот на комисијата за уставни прашања.

Гласањето во комисијата го поддржаа пратениците од вледачкото мнозинство, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа против.

Иако изминатите денови доста се шпекулираше и се играше со бројки во јавноста, по се изгледа власта го нема потребното двотретинско мнозинство во Собранието, па уставните измени кои се предлагаат се чини нема да го поминат гласачкиот филтер.

Од опозициската партија јасно истакнаа дека ниту еден нивни пратеник нема да ги поддржи уставните измени, а со цел промена на уставното име на државата.

Дополнителен проблем за премиерот Заев и владата се и дел од пратениците во нивните редови.

Пратеничката од коалициониот партнер на власта ДОМ, Лилјана Поповска, не присуствуваше на расправата во комисијата за уставни прашања, а пратеникот Ферид Мухиќ преку своите настапи во Собранието веќе истакна дека нема да ги поддржи уставните измени.

Од ВМРО-ДПМНЕ во петокот истакнаа дека партијата се подготвува за предвремени парламентарни избори и дека ќе настапат со сериозна, обемна и иновативна програма. “Партијата ја подготвува својата инфраструктура”, истакна Трајко Славевски член на Извршниот комитет на партијата.

Дали Собранието веднаш ќе ја оконча расправата на пленеарната седница и ќе гласа за распуштање, останува да видиме во текот на денот.

Она што е се поизвесно е дека Македонија ја чека нова изборна трка…




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.