Денеска е Иванден – голем и тежок празник: Честит именден Ивана, Иван, Ива, Иво…

Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност празник посветен на раѓањето на Свети Јован Крстител.

Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учење тој  му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел Свети Јован додека го покрстувал народот.

Свети Јован е една од ретките личности во христијанската вера (покрај Исус Христос и Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на Св. Јован Крстител, (Иванден).

Отсекување главата на Свети Јован Крстител, Собор на Свети Јован Крстител, итн. Оттука може да се види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек.

Во народниот живот и во народното верување Свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите на Св. Јован му паднале кумството и побратимството.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.