На 18 јануари, ден пред празникот на Крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан – Богојавление, Црквата се подготвува за големото торжество што ја очекува следниот ден. Затоа, поради важноста на јавувањето на Света Троица во водите Јордански, овој ден е наречен Навечерие на Богојавление (Водокрст, Водопост). Во црковната традиција, овој ден обично се пости строго, без масло – пост кој во народот е познат како „нејатка“, како знак на духовна подготовка за празникот на јавувањето на Света Троица на реката Јордан. Но, оваа година Водокрст паѓа во недела.
Имајќи предвид дека во јавноста, а особено на социјалните мрежи, веќе се појавуваат поуки и објави од поединечни „познавачи“, кои тврдат дека во недела, на Водокрст, треба да се пости строг пост (без масло), со должна почит, мора јасно да се каже дека таквото поучување е канонски неточно и претставува сериозна грешка.
Светите канони на Православната Црква недвосмислено забрануваат строг пост во недела, бидејќи неделата е ден на Воскресението Христово, ден на радост, евхаристиско заедничарење и благодарност, а не ден на аскетска жалост.
Ова е јасно изразено во: 66. Апостолско правило (Толкувањето на епископ Никодим Милаш):
„Ако некој од клирот пости во НЕДЕЛА или во САБОТА, освен една единствена сабота – Велика Сабота, нека биде расчинет; а ако е лаик – нека биде одлачен (исклучен од Црквата).“
Ова апостолско правило: се однесува конкретно на строг пост и важи за сите времиња и сите постови.
Па така, кога Водокрст паѓа во сабота или недела, постот не се укинува, но строг пост (без масло) не е дозволен, туку постот се ублажува (се допушта масло но не и риба), во согласност со канонскиот поредок на Црквата.
Богослужбите на овој ден го пресликуваат поредокот на навечерието на Рождеството Христово – Бадник. Се богослужат Царски часови, како и голема вечерна со Василиева Литургија. После входот со Евангелие и молитвата „Светлино тивка“ се читаат тринаесет паримии, затоа што во раната Црква токму на овој ден, и во овој дел од Литургијата се покрстувале сите огласени што претходно се подготвувале за Свето Крштение. Поредокот на остатокот на богослужбата го следи поредокот на Василиевата Литургија. По задамвоната молитва се преминува кон Голем водосвет, по кој сите верни се поросуваат со осветената вода, и пијат од неа. Никој не треба да отстапи од вкусувањето на осветената вода, затоа што поради благодатта на празникот се осветува сета природа и сета твар, и човекот треба да земе учество во оваа Тајна.
Постои благочестиво предание на овој и утрешниот ден со осветената вода да се попрскаат домовите на верниците, пеејќи го тропарот на Богојавление. Оваа вода се користи преку целата година, за по нејзината сила здравите да се укрепат, болните да се исцелат, демоните да се изгонат, непријателите да се одвратат и секое добро од Бога да се добие.
























