Денеска во Офицерски Битола, промоција на книгата “Сечилото сум јас” од авторот Дарко Неделковски

Денеска (6.септември), со почеток од 12часот, во Офицерски Дом во Битола, ќе биде промовирана книгата „Сечилото сум јас“, од авторот Дарко Неделковски. Да патуваме низ мистичното!

Интуицијата милувана од внатрешниот глас или мудрецот кој го обеспокојува духот и го отвора патот кој е најмалку чекорен. Оваа книга е автопортрет, во кој фокализацијата писателот ја прави преку ликови кои се проекција или остварени архетипи во реалноста, кои чекорат и говорат со него. Колку сме подготвени да навлеземе длабоко низ нишките на своето несвесно и да извојуваме самоприфаќање и самосвесност? Внатрешниот свет е огледало на надворешниот. „Oна што е горе е долу“ е запис во криптичкиот текст„Зелената Табла.“ Токму ова е она што писателот го манифестира преку зборот. Судбината е одредена од самиот човек, од неговиот внатрешен глас, неговата интуиција и разумот.

Внатрешниот дијалог го соблазнува битието да чекори низ кругот на сопствениот пекол, чистилиште и рај воден од макрокосмичката сила. Таа сила е сопоставена и контура на микрокосмосот. Се соочуваме со отсликување на свет во свет. Архетиповите на патување на херојот, на стариот мудрец го обзнануваат внатрешниот свет на писателот. Тие се негови водилки кон откривање на самиот себеси.

Целта на авторот како што кажува е „ да помогне на другите да го достигнат својот потенцијал, да се откријат себеси и да се посветат на својот личен развој. Имам намера да ги водам луѓето кон подобро разбирање на себеси и да ги охрабрам да не престануваат да сонуваат слушајќи го внатрешниот глас “

Писателот како алхемичар испишува за една метаморфоза на духот и за тоа како да станеш посилна личност.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.