Свети Георгиј бил родум од Кападокија. Со Христос се запознал во својот дом. Кога татко му пострадал за Христа и примил маченички венец, тој и мајка му се преселиле во Палестина. Момчето пораснало и стапило во војската, а на 20-годишна возраст го добило чинот трибунал. Како таков му служел на императорот Диоклецијан.
Кога Диоклецијан започнал да ги гони христијаните, младиот трибунал самиот објавил дека е христијанин. Почнале разни тешки измачувања, но великомаченикот ги издржал нив, а благодетта Божја му помагала и го исцелувала.
Неговото мачеништво, т.е. сведоштво навело многумина да поверуваат во Христа. Во 303 година му ја отсекле главата. Овој голем маченик Бог го наградил со дар на чудотворство со кој, тој до денес им помага на сите што го повикуваат во своите молитви.