Делегација од прилепската гимназија во посета на гимназијата од Ријека во Хрватска

rieka-pozadina

Во рамките на проектот за претприемничко учење во организација на SEECEL, тим од нашата гимназија составен од проф. Весна Паноска – координатор на проектот, Кети Ефремоска – професор по англиски јазик, Димитар Ристески – изготвувач на финансискиот план и  проф.Николче Богданоски – раководител на тимот, реализира посета на Првата Сушачка Хрватска Гимназија во Риека.

Оваа гимназија од Риека исто така беше вклучена во проектот, а посетата беше со цел да се разменат искуствата за тоа како нашата Гимназија и како риечката Гимназија го имплементираа овој проект.

Тимот од нашата Гимназија беше пречекан од директорката на Првата Сушачка Хрватска Гимназија, г-ѓа Џудита Франко, координаторот на проектот, стручниот соработник Горан Грачанин, од професорскиот тим на гимназијата кој работел на проектот како и од претседателот на Ученичкото собрание Никола Бабиќ.

Претставниците од двете гимназии ги претставија своите училишта, се произнесоа по реализацијата на проектот и заеднички разгледуваа можности за тоа на каков начин би можело низ образованието да се мотивираат и охрабрат учениците да ги креираат и да ги реализираат своите бизнис идеи и планови.

makedonci-u-rijeci

makedonski-jezik-u-susackoj-gimnazijai-u-rijeci

Потоа професорот по ликовна уметност Теодор де Канциани, низ подолга прошетка низ училиштето, ги запозна членовите на нашиот тим со историјатот, библиотеката, просториите и ретките материјални збирки на Сушачката гимназија.

Theodor-de-Canziani

rijetke-skoljske-zbirke

Директорката на училиштето и професорот Теодор де Канциани за нашиот тим организираа и прошетка низ Риека со запознавање на најзначајните културно историски знаменитости.

na-trsatu

Официјалната посета на Прва Сушачка Хрватска Гимназија во Риека се заврши со ветување за продолжување на соработката, возвратна посета од нивна страна на нашето училиште и учество во идни заеднички проекти.

Во рамките на оваа посета на Риека, нашата училишна делегација реализира средба и со претставници на Заедницата на Македонците во Република Хрватска во просториите на Културното друштво „Илинден“ од Риека.

Таму нашата делегација ја пречекаа претседателот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска и претседател на Македонското друштво „Илинден“ г-дин. Илија Христодулов, г-дин Владо Настески – еден од основачите на МКД „Илинден“, г-дин. Илија Младенов – претседател на Македонската црковна општина „Св. Цар Константин и Царица Елена“, г-ѓа Ванѓа Калиќ – претседателка на Собранието на Македонското национално малцинство на град Риека и г-ица Ана Азеска – лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека. На средбата присуствуваше и директорката на Прва Сушачка Хрватска гимназија, г-ѓа Џудита Франко.

sa-makedoncima-u-rijeci

prva-susacka-gimnazija-u-rijeci

Нашата делегација, за Македонците од Риека, остави десетина книги на македонски јазик донирани од Градската библиотека „Борка Талески“ и од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп. Возвратно, од МКД „Илинден“ на нашата делегација им беше подарена литература и најновиот број од гласилото на Македонците во Република Хрватска „Македонски глас“.

По краткото претставување на нашата делегација, нашето училиште и нашиот град, со членовите на МКД „Илинден“ се разговараше за Македонија, за актуелните случувања, за животот во Риека и во Хрватска … па дури се изнајдоа и роднински врски.

Со ветувањата за взаемна соработка меѓу нашата Гимназија и Македонците од Риека заврши посетата на МКД „Илинден“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.