Во ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп моментално се реализира проект од програмата „Еразмус плус“, кој се состои во набљудување на работно место од страна на наставници, претставници од конзорциумот на основни и средни училишта од општина Пистоја (Италија), финансиран од ЕУ. Токму по тој повод италијанските гости, заедно со нивните домаќини, ја посетија општина Прилеп и остварија средба со градоначалникот Марјан Ристески.
„Овој проект се реализира помеѓу нашите училишта, училиштето во Тоскана и „Гоце Делчев“ од Прилеп, овој проект се вика „Комениус плас“, целта на нашата посета е да се запознаеме со вашиот образовен систем, начинот на предавање, да споделиме искуства и практики од наставата“, изјави Валентина Балди, претставник на италијанската делегација.
„Италијанското училиште е партнер училиште преку „Еразмус плус програмата“, колегите од Италија се конзорциум на училишта од еден ист регион кои се дојдени во Прилеп за да набљудуваат работно место и да се запознаат со образованиот систем кај нас, не само формалното туку и неформалното образование. Значи како што кажав ова е проект кој се реализира преку „Еразмус плус програмата“ на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“, истакна Спасија Нешкоска Цуцулеска, кооординатор на проектот од ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека Италија е напредна европска држава од која може доста да се научи за образовниот систем и тие како локална самоуправа секогаш ги поддржувале ваквите проекти.
„Задоволство е да се прими делегацијата од Италија која е дојдена во посета на нашите училишта. Ова е доста интересен проект, Италија е држава која е доста напред во образованиот систем и има што да се научи од нив, но и тие можат да земат позитивни искуства од кај нас. Ние како локалната самоуправа заедно со нашите училишта и образованиот систем сакаме да стекнуваме нови искуства од другите држави, секогаш ги поддржуваме овие проекти, а Италија е една од понапредните држави од каде може доста да се научи. Размената пак на деца и личното искуство уште повеќе ќе значи за развојот на училиштата, едукацијата и самиот град“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Проектот започна да се реализира на 26.03, а италијанската делегација во ООУ „Гоце Делчев“ ќе биде присутна до 01.04.2017.