Со огромна чест и задоволство ве известуваме дека на 19.04.2024 год. се собра одборот за формирање на првата организација на ОМД во Шведска и во Европската Унија. Оваа канцеларија со седиште во Малмо, ќе има за цел да ги претставува правата на Македонците во Шведска и Скандинавија, како и ги канализира и навигира проектите на македонските веќе постоечки организации во Шведска и истите ги спојува со матичната држава Македонија – информираат од Обединета Македонска Дијаспора.
Основачкиот одбор на оваа организација се состои од 6 члена на чело со:
Мирјана Наумоска
Антонијо Трпевски
Габриела Јакимова
Трајче Цветановски
Александра Гарбеска
Пеце Релушковски
Инаку Александра Гарбеска и Габриела Јакимова се нашинки од Прилеп кои живеат и работат во оваа скандинавска земја.
Оваа организација, како и останатите ќе се заснова на членство и донации на сите кои се од Македонија или имаат македонско потекло или се пријатели на Македонија.
“Ми претставува огромна среќа и задоволство што за неполна една година успеавме да ги пронајдеме и се споиме со луѓе кои ја препознаа визијата и мисијата на ОМД и креиравме организација во која сите луѓе ќе имаат можност да придонесат за својата татковина Македонија. Ова е еден од најпрофесионалните тимови кои ќе им подаде рака на сите македонци и македонски организации во Шведска со цел гласот на многубројната македонска заедница биде достојно претставен” рече Гордан Јорданов, Директор на ОМД за Македонија и Европа.
“Исполнет сум со радост и гордост, за отварањето на новата организација на ОМД во Шведска, знаејќи го длабокото влијание што оваа организација ќе го има врз Македонската заедница во Шведска, низ Скандинавија и низ целата Европска Унија. Заедно, ќе ги зајакнеме нашите врски , ќе го зачуваме нашето наследство и ќе го отвориме патот за посветла иднина на нашата македонска младина “. рече Стојан Николов, Потпретседател за глобални операции на ОМД.
“Како Македонка и човек кој ги претставува интересите на Македонија насекаде низ Скандинавија, ова е огромна чест и задоволство за мене и сите основачки членови на организацијата, да ја донесеме и шириме глобалната мисија на ОМД токму во Шведска, земја во која македонската заедница има долга историја и континуитет. Заедно ќе ги отвориме вратите на сите македонци да ги прикажат своите квалитети и придонесат во поврзувањето на културите на двете држави”, рече Ко-основачот и Претседател на ОМД Шведска, Мирјана Наумоска.