Стотина вработени во фабриката “Жито Прилеп” од денеска излегоа на штрајк, а причината за тоа е што немале добиено плата за месеците февруари и март.
Тие го запреа производството и истакнаа дека за жал ќе го остават градот без доволно леб пред Велигден, но друг излез немале.
Технологот Лазо Ристески вели дека пред 10 денa писмено го известиле сопственикот на компанијата дека доколку не им исплати плата во рок од 3 дена ќе го стопираат производството, но досега не добиле никаков одговор.
-Неколкупати баравме информација од сопственикот кој е во Америка да ни каже кога и дали ќе земеме плата, а немама ниту за февруари, ниту за март. Се обративме писмено со потписи на сите вработени. Побаравме пред 10 дена со предупредување дека ако за три дена не ни исплати плата за февруари. Бидејќи немаме никаков одговор веќе 10 дена, одлучивме од денес да не произведуваме леб и бели печива. Иако е неправда кон граѓаните во ваква вонредна ситуација, особено за велигденските празници, но моравме да го преземеме овој чекор. Особено што од синоќа добивме информација дека рекол ако сакаме да работиме да продолжиме со работа, ако не, да си одиме дома. За плата нема ниту збор кажано. Инаку, придонесите за платата се поминати и преку банка ни се платени по 100 денари. Приватните фирми и производители од други градови најверојатно за краток период не ќе можат да го надополнат потребите и најверојатно градот ќе остане без доволно леб. Последната недела работевме со многу убедувања на вработените, само градот да не биде без леб. Но повеќе не се издржува и не е фер и спрема нашите семејства, изјави Ристески.
-Дома е тешко. Се наближува празникот, останавме без пари, не може да платиме сметки, 80 отсто од вработените се со кредити и нив им стигнаа забрани за плати. Ситуацијата е многу тешка. Во ваква ситуација, ние доаѓаме на работа, го ризикуваме здравјето, ама без пари. Наместо да бидеме наградени, ние сме казнети. Инаку, во фирмата е направена систематизација и сите вработени земаме по 14 500. Проблеми има и со К-15, со хранарината и патарината, вели Марјан Димоски, вработен во “Жито Прилеп”.
Дневно „Жито Прилеп“ произведува по 10.000 парчиња леб. Минатиот викенд, за полицискиот час, се произведени околу 25.000 парчиња и илјадници парчиња бели печива, а за овој велигденски викенд требаше да се произведат околу 35.000 парчиња леб.