Датум за ЕУ немаме, но датум за ОСТАВКА имаме: Заев си заминува во среда

Заев во среда се повлекува од премиерската функција. Извори од СДСМ потврдуваат дека веднаш по новогодшиното обраќање на претседателот Пендаровски пред пратениците, Заев ќе го извести законодавниот дом за својата оставка, со што во оставка е и целата Влада, пренесува Сител.

Од тој ден почнуваат да течат уставните рокови од 10 дена во кој Пендаровски ќе треба да го довери мандатот на политичките партии кои имаат мнозинство во Собранието, додека пак новиот мандатар во рок од 20 дена пред пратениците треба да достави програма и состав на новиот владин кабинет.

Според сите овие рокови, Македонија до средината на јануари ќе ја добие новата влада, во која Алтернатива влегува на местото на БЕСА, а СДСМ најавува смена на речиси сите свои кадри. Сосема извесно е дека ресорите здравство, образование, труд и социјална политика, правда и одбрана ќе ги водат нови лица.

И додека власта се подготвува за нов владин кабинет, опозицијата не отстапува од барањето за предвремени избори. Ден откако Македонија ја пропушти и последната шанса годинава за старт на преговорите со Унијата, ВМРО-ДПМНЕ бара власта да го одржи ветувањето за повлекување, а граѓаните да решат кој сакаат да ја води државата. Ниту зголеменото мнозинство на 64 пратеници според нив не е одржливо решение.

Предвремени избори пред почетокот на летото вчера побара и опозицискиот лидер. До овој период Мицкоски предложи новата Влада да ја предводи лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, наместо наследникот на Заев, Ковачевски.

Ваквиот предлог на Мицкоски експресно беше одбиен и од ДУИ и од Алтернатива, додека пак СДСМ и натаму тврди дека зголеменото мнозинство ќе биде одржливо до редовните избори во 2024 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.