Прилеп се подготвува за седумнаесеттото издание на фестивалот на скарата и пивото “Пивофест 2019”.
Овогодинешното издание на фестивалот кој изминатите години прерасна во најмасовното случување во државата, ќе се одржи од 18-21 јули.
Иако во изминатите години фестивалот беше дебело критикуван oд сегашните актуелни власти и нивните први луѓе, и оваа година “Пивофест” ќе се одржи на старата локација во центарот на градот, а тоа е потврдено и во најновиот Службен гласник на Општина Прилеп.
Како што неофицијално дознаваме, на овој “Пивофест” одново ќе настапи балканската мега ѕвезда Цеца Ражнатовиќ.
Српската пејачка својот прв настап на “Пивофест” го имаше во 2010 година кога настапи на последната фестивалска вечер и предизвика вистински бум во целата држава.
Она што е интересно е тоа дека актуелните функционери и партиски луѓе на локалната власт во Прилеп беа најгласни во изминатите години кога на фестивалската сцена настапуваа изведувачи од екс ЈУ просторите.
Фестивалот беше нарекуван пазар, вашар, а просторот каде се одржува беше нарекуван “мочална”, кочина …. и што ли уште не.
Се ветуваше поинаков концепт, нешто поразлично, различна локација, издигнување на фестивалот на повисоко скалило и.т.н.
Во Службениот гласник на Општина Прилеп бр. 9 од 22.05.2019, е утврдено одново да не функционира алтернативната сцена каде се одржуваа забави со техно и хаус музика.
“Се забранува поставување на бини и штандови во парковските површини кои не се предвидени во графичкиот прилог даден во прилог на оваа одлука. Се забрануваат градежни зафати (трајни или монтажни-демонтажни) на летната сцена, пред споменикот на Александар Македонски”
Еве како изгледаше концертот на Цеца во 2010 година на фестивалската сцена во Прилеп: