“Дали прилепчанецот Дане Талески имал блиски контакти со други служби?” (Видео)

СДСМ ја срами Република Македонија пред нејзините најважни партнери – НАТО Алијансата. Македонија и македонската дипломатија не може да бидат респектибилен меѓународен партнер се додека се водени од луѓе како Зоран Заев и Никола Димитров, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Катастрофалната персонална политика во МНР резултира со нови гафови. Заев и Димитров си поигруваат со државата, кога нивните предлози за амбасадори си поигруваат со процедурите. Несериозно и срамно е однесувањето на Дане Талевски, советникот за меѓународна политика на Заев кој не се појави на закажаната одбрана на тези пред неговото упатување во Брисел. Скандал кој ретко или никогаш не се случува во кариерата на професионалните дипломати. На овој настан, Талески требаше да ги брани дипломатските тези во врска со неговото именување за амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел. Ако Талевски немал тези или не стигнале да му ги напишат, би било почесно да си признае. Со ваквото скандалозно непојавување се покажува дека заложбите на Владата на СДСМ за зачленување на Македонија во НАТО се декларативни и паушални. Кога треба тоа да се одработи во пракса, СДСМ има капацитет само за афери кои земјава ја прават несериозен партнер на најмоќната светска воена организација. Прашуваме, зошто се случува ова откажување, кога СДСМ вели дека треба да се забрза пополнувањето на амбасадорското место во НАТО непосредно пред очекуваниот ден за прием на Македонија во Алијансата? Дали е тоа затоа што Талески нема добиено безбедносен сертификат, односно владата и МНР премногу доцна ја почнале процедурата за негово испраќање во седиштето на НАТО?, прашува Андоновски.

Тој исто така прашува дали при проверките може да се утврди дека Талески имал блиски контакти со претставници на други служби, па постои можност за уште поголем срам, односно тој да не добие „зелено светло” од државите членки? Дали можеби се работи на внатрепартиско-владин судир на линија Заев, Спасовски, Димитров, Пендаровски кој го вклучува Талески? Или пак се работи за прекршувањата на процедурите од неспособност за што алармираат македонските дипломатските синдикати? Го прашуваме министерот Димитров дали запирањето на постапките се случува затоа што го исплаши тоа што медиумите открија дека и други именувања на амбасадори се прават со прекршување на законски уредените процедури, во врска со двојни државјанства и други недостатоци, за кои тој треба да одговара затоа што ставил потпис?

-СДСМ треба да преземе одговорност за срамот што и го намесува на Република Македонија во најстратешките институции со кои соработуваме и сме партнери. За среќа, по 12 април и Обновата на Македонија, нашите партнери ќе го имаат вниманието и почитта кои ги заслужуваат. За доброто на Македонија, Зоран Заев и СДСМ, никогаш повеќе, вели Андоновски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.