“Дали Прилеп ќе формира ЈП за Вселенски истражувања, по теркот на новото за гасификација??”

Советот на Општина Прилеп во вторникот ја одржа својата 20-та седница, на која на дневниот ред се најдоа близу седумдесетина точки.

Советниците на власта донесоа одлука за формирање на ново јавно претпријатие за енергетски дејности, чија приоритетна задача, како што стои во известувањето од општина Прилеп, ќе биде да ги подготви и спроведе сите неопходни активности за претстојната гасификација на градот.

При презентацијата на проектот за гасификација на Прилеп пред бизнис секторот во август месец годинава, беше потенцирано дека градот ќе биде гасифициран дури за 6 до 7 години, но и покрај тоа локалните власти побрзаа и го формираа ова ново претпријатие.

“Од Општина Прилеп велат дека за 6 до 7 години се очекува градот да добие примарна гасоводна мрежа. Изградбата на трасата на гасоводот Неготино – Прилеп – Битола моментално била стигната до преминот Плетвар. За околу 2 години се очекувало таа да поминува покрај Прилеп, а потоа да се започне со изградба на примарна гасоводна мрежа долга 20 км. инвестиција која според првичните проценки би чинела околу 4 милиони евра. Бенефитот први би го почувствувале јавните институции и бизнис секторот, а потоа домаќинставата”, информираше тогаш дописникот за “Сител” од Прилеп, Дарко Штаргоски.

На одлуката од власта реагираа и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, особено за назначувањето на директор на новото јавно претпријатие за кој како што велат е роднина на градоначалникот, а и самиот го потврдил истото.

“Најверојатно да си во роднинска врска со градоначалникот е единствен услов за да се вработиш во јавните претпријатија или општината”, изјави Петар Ристески, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека локалната власт преку одлуката за олку рано формирање на вакво претпријатие, има за цел само згрижување на партиски кадри и ништо повеќе.

За директор на новото јавно претпријатие бил назначен Игор Спиркоски, кој што сам од говорница на Совет потврдил дека му е роднина на градоначалникот?




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.