Цели седум дена пожарите во прилепскиот дел од Мариово пустошеја се’ пред себе. Пожарите се проширија и опасно се закануваа да го зафатат манастирот св. Никола кај село Прилепец и Св. Димитрија кај село Селце. Ништо помалку драматична не беше ниту ситуацијата кај селата Крушевица, Дуње, Бонче, Пештани… Пожарот дојде и до Беловодица, а линијата на огнот беше над 25км.
Цели седум дена над 200 припадници на војската, пожарната, шумската полиција, посебната едница на полицијата, голем број доброволци…мака мачеа против огнените јазици, за да ги зачуваат сите имоти и верски објекти. Помагаа и авионите на ДЗС, а помогнаа и врнежите од дожд, за конечно во неделата огнот да изгасне насекаде.
Но, дали причина за пожарите беше само гром, или вмешан е и човечки фактор…
Наш читател кој ни испрати фотографија тврди дека и човечки фактор имал улога во ваквото катастрофално ширење на пожарот во прилепско. Според него, непознато лице било забележано во атарот на село Крушевица кое сакало да го потпали огнот, а кога било забележано се дало во непознат правец, а на местото оставило војнички ранец со борина.
Според информацијата, случајот бил пријавен и во Центарот за управување со кризи и засега не е познато дали е покрената истрага за пронаоѓање на ова лице.
Ова само ги подгрева сомнежите на прилепчани дека пожарите во мариовско не настанаа само како причина на природен фактор.