Пишува: Протоереј Љупче Петрески
Почитувани браќа и сестри,
Во недела, на 18 јануари, Црквата го празнува Водокрст, денот посветен на светите маченици Теопемт и Теона, а воедно тоа е и навечерието на големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во црковната традиција, овој ден обично се пости строго, без масло – пост кој во народот е познат како „нејатка“, како знак на духовна подготовка за празникот на јавувањето на Света Троица на реката Јордан.
Но, оваа година Водокрст паѓа во недела.
Имајќи предвид дека во јавноста, а особено на социјалните мрежи, веќе се појавуваат поуки и објави од поединечни „познавачи“, кои тврдат дека во недела, на Водокрст, треба да се пости строг пост (без масло), со должна почит, мора јасно да се каже дека таквото поучување е канонски неточно и претставува сериозна грешка.
Светите канони на Православната Црква недвосмислено забрануваат строг пост во недела, бидејќи неделата е ден на Воскресението Христово, ден на радост, евхаристиско заедничарење и благодарност, а не ден на аскетска жалост.
Ова е јасно изразено во: 66. Апостолско правило (Толкувањето на епископ Никодим Милаш):
„Ако некој од клирот пости во НЕДЕЛА или во САБОТА, освен една единствена сабота – Велика Сабота, нека биде расчинет; а ако е лаик – нека биде одлачен (исклучен од Црквата).“
Ова апостолско правило: се однесува конкретно на строг пост и важи за сите времиња и сите постови.
Па така, кога Водокрст паѓа во сабота или недела, постот не се укинува, но строг пост (без масло) не е дозволен, туку постот се ублажува (се допушта масло но не и риба), во согласност со канонскиот поредок на Црквата.
Затоа, да внимаваме од површни и самоволни толкувања, колку и да изгледаат „побожни“, и да се држиме до преданието на Црквата, кое не нè води во крајности, туку во вистина.
Нека Воскресението Христово, кое секоја недела го славиме, биде мерка и за нашиот пост и за нашата вера.
Протоереј Љупче Петрески
























