Доктор Никола Пановски, еден од врвните микробиолози во земјава, смета дека државата прави голема грешка што размислува за одложување на почетокот на учебната година.
Наместо тоа, вели Пановски децата требало порано да започнат со часовите додека може да се проветрува во училниците.
-Нелогично е да се одложува школската година. Училиштата требаше да се отворат на 15 август со што два месеци ќе имаше можност за настава со отворени прозори. Септември не е толку опасно со отворени прозорци да се проветрува и делумно часовите да се одржуваат надвор. Главен удар се очекува после 15 ноември кога започнува грејната сезона. Тогаш е многу важно да се престане да се собираме по школски дворови и да не се прават родендени, тоа би биле епидемиолошки бомби и од едно ќе може вирусот да се пренесе на 10 деца, изјави Пановски за телевизија Сител.
Според него, во училиште треба да одат само првачињата и децата од шесто одделение, кои се запознаваат со нови наставници, како и оние од прва година средно образование. Пановски вели дека проблем ќе бидат и настинките, поради што повторно може да биде загрозен здравствениот и економскиот систем на земјата.