Груевски промовираше нова значајна мерка за земјоделците

proekt-gruevski-640x357

Продолжува огромната заложба за помош и поддршка за земјоделците. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денес потенцира дека развојот на земјоделието е една од стратешките приоритети за владејачката партија.

Груевски истакна дека преку напорен труд, дијалог и контакти со земјоделците, како и реализација на голем број мерки се создадоа услови за егзистенција на многу земјоделски семејства. Но, сепак овие заложби продолжуваат.

Предвидена е можност за 80 проценти поддршка од државата за системи капка по капка и ископ на нови бунари. Воспоставување на систем за наводнување и соодветно дозирање на водата овозможува зголемување на приносите кај неколку култури и неколку пати.

-За таа цел, а во насока на подобро искористување на природните ресурси, предлагаме субвенционирање за воспоставување на алтернативни системи за наводнување и воспоставување на системи „Капка по капка“. Целта на оваа мерка е зголемување на обработливите површини под систем за наводнување за подобрување на квалитетот и приносите на земјоделското производство. Право да конкурираат ќе имаат физички лица на кои земјоделството им е примарна дејност, регистрирани земјоделци за производство на раноградинарски производи или за овоштарство. Понатаму, земјоделски компании или земјоделски задруги. Цел на набавка е опрема за воспоставување на систем за наводнување на садници, одгледување на раноградинарски култури, овоштарство или за наводнување на стакленичко или пластеничко производство. Преку мерката финансиски ќе се поддржат земјоделците и земјоделските стопанства за инсталирање на модерни системи за наводнување. Тоа ќе донесе сериозна заштеда, рече Груевски.

Тој потенцира дека проценките говорат дека цените на чинење за инсталирање на систем Капка по капка за површина од еден хектар: за овошен насад 105.797 денари, за лозов насад 114.422 денари и за систем за наводнување на житни култури 123.000 денари.

-Осумдесет посто од средствата за реализација на наведените активности ќе бидат обезбедени преку државата. Ќе бидат обезбедени преку програмата за рурален развој на земјоделството, а остатокот од средствата ќе ги обезбеди корисникот. Максималната површина за која ќе се однесува поддршката ќе биде до 50 хектари, рече Груевски.

Што се однесува до ископот на бунари, рече Груевски, просечната сума која е потребна за изградба изнесува околу 150 илјади денари, или околу 2,5 илјади евра на длабочина до 50 метри.
-Со ова, со оваа најнова мерка државата ќе покрие дури 80 проценти пари кои остануваат како заштеда за земјоделецот. Дополнително ќе бидат извршени и законски измени со кои ќе се олесни и поедностави постапката за добивање на водостопански дозволи за изградба на бунари, потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Груевски, со мерката, не само што земјоделците ќе заштедат 80 проценти од сумата за инсталирање на системот и изградба на бунари, туку и ќе имаат зголемен принос, што значи екстра профит и заработувачка.

-Затоа е потребна масовна примена на системот Капка по капка и затоа државата, Владата, ќе излезе во пресрет на земјоделците за да може што помасовно да биде искористена и употребена оваа мерка.
Инаку, мерката треба да започне да се применува од јануари 2017 година.

-Апликациите ќе може да се доставуваат од октомври 2016 година и ќе се издвојуваат по минимум 3 милиони евра годишно, а по потреба износот ќе расте, истакна Груевски.

Ова е важна можност за земјоделците. Современите системи за наводнување како што е системот капка по капка овозможуваат поголем квалитет на производството и носат поголем принос.

Груевски посочи дека системот капка по капка е најпрвин е измислен и усовршен во Израел каде што неповолните површини биле претворани во корисно земјиште. Израелската компанија која започнала да го употребува овој систем на наводнување подоцна го проширила изумот и низ Европа.

Ефикасниот систем за наводнување капка по капка станува се позначаен и за земјите во Европа. Најпрво започнува да се употребува во Словенија, Малта и Кипар. Дури 76 проценти од земјоделските стопанства во Кипар за наводнување го користат системот капка по капка, во Словенија 52%. Околу 30% од земјите во Европа го користат овој начин на наводнување.

Груевски објасни зошто е добар и корисен системот капка по капка и што преставува оваа технологија.

– Наводнувањето капка по капка има многу предности во однос на другите начини на наводнување, и тоа: Водата оди таму каде е потребна што е една од најголемите предности на овој вид на наводнување, траките (цревата)се поставуваат непосредно покрај растенијата така што се наводнува само зоната на кореновиот систем. Водата оди директно на коренот на растението. Овозможува заштеда на вода која е ресурс кој недостасува на глобално ниво. Ефикасно се искористува водата со тоа што се наводнува само зоната на коренот и не се заливаат делови на кои нема растенија, се намалува количината на вода за залевање. Лесно се инсталира. Системот капка по капка е релативно ефтин систем за залевање и лесно се поставува. Обуката е кратка и лесна што значи дека секој може да го практикува системот. Се овозможува рамномерно и прецизно залевање. Нема промени кај растенијата заради брзата промена на режимот на влагата. Се намалува појавата на плевели. Заради наводнување исклучиво во зоната на кореновиот систем, намалена е појавата на плевели бидеjќи нема непотребно влажнење на околната површина, рече Груевски.

Овој систем наоѓа широка примена

-Може да се користи на различни кофигурации на теренот и на различни типови на почви. На траките се наоѓаат капалки кои пропуштаат различна количина на вода. Врз основа на карактеристиките на теренот, водата и потребите на растенијата за вода, се одредува правилен режим на наводнување врз основа на којсе врши избор на траките, црева за наводнување.

-Системот капка по капка е идеален за прихранување на растенијата, затоа што на тој начин се врши дозирање и апликација на храна директно во зоната на коренот.

Овозможува примена на неопходни хемикалии заедно со водата, што има предност и од економска и од еколошка гледна точка

Се намалуваат габните заболувања кои настануваат со задржување на водата на лисјата.

-Може да се користи без создавање на ерозија на почвата на наклонети терени.

-Овозможува наводнување во текот на цветањето без загрозување на опрашувањето Постои намалена опасност од засолување на почвите, честото наводнување влијае на намалувањето на концентрацијата на соли во почвата, ја елиминира можноста за директни оштетувања на листот од висока концентрација на соли.

-Не бара посебно одржување и нема дополнителни трошоци за одржување.

Примерите кои се реализирани кај нас во Македонија покажуваат дека со правилна употреба на системот приносот може да се зголеми за половина, а кај некои култури и за повеќе пати.

– Официјалните приноси на пченка во Македонија е околу 4.2 тони на еден хектар, додека со проектот на УСАИД со кој се поддржа инсталирање на систем капка по капка постигнат е просечен принос од 13 тони на еден хектар или повеќе од три пати во ситуациите кога се употребувал системот. Додека генералниот распон на производство се движел од 8 тони, па стигнувал до 18 тони по засеан хектар, зависно од други фактори, како што е климата квалитетот на почвата. Но сето тоа било далку над она што било добиено преку употреба на традиционалниот начин на наводнување. Дополнително, зголемено било и количеството на силажа што исто така се користи како сточна храна. Пример 2, системот капка по капка беше поставен на опитно поле во јуни 2014та година со донација од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси. На полето од еден хектар сончогледи, пелагонски и полошки регион), се овозможија приноси од околу 5 тони, четирипати повеќе од националниот просечен принос од 1,2 тони по хектар. Квалитетот на сончогледот е, исто така, значително подобрен во споредба со насадите кои не се наводнуваат соодветно, а со тоа се гарантираат и повеќе од двојно поголема откупна цена. Значи преку употребата на системот капка по капка за половина, двојно, некаде тројно или повеќе се зголемува производството. Таквото зголемено производство значаи половина, двојно, тројно или повеќе пати зголемени приходите за земјоделецот што ќе значи и можност за реинвестирање, проширување на производството, инвестиција и средства за користење на некоја друга мерка поволна за неговото производство. Што значи можност за екстра заработка и збогатување на земјоделците. Истовремено на овој начин ќе се намалат и несогласувањата за распределба на водата како ресурс и трошоците за скапи и тешко одржливи системи за наводнување кои често пати се поскапи и од родот. Затоа е потребна месовна поддршка и примена на системот капка по капка, за што покриваме дури 80 % од трошоците, заклучи Груевски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.