Околу 19.00 часот вчеравечер во штабот на ДУИ во Мала Речица дошло до консолидирање на ставот дека партијата, согласно Мајскиот договор но и усогласените барања, ќе влезат во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, по што лидерот на албанската партија Али Ахмети имал и говор пред Централниот одбор на партијата каде што побарал од претседателите на општинските органзации и партиските функционери да го исконтролираат членството на терен и да не дозволат истото да биде подведено под влијанија на опозициската пропаганда и да не учествуваат во најавените протести на опозицијата против Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
На ваквиот став ДУИ останале некаде до 21.30 часот, откако претходно според засега неофицијали информации некои од функционерите имале консултации со претставници на меѓународната заедница, по што ставот за коалиција бил променет.
Како што потврди и порталот МКД.мк, а првично пренесе Инфомакс.мк, околу 21.30 часот лидерот на ДУИ Али Ахмети во телефонски разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Никола Груевски покрај веќе усогласените ставови за формирање на новиот владин состав, како и персоналните решенија во новата Влада поставил нова уцена, која Груевски не ја прифатил.
Имено, моментот на прекршување на веќе дадената согласност било барањето на Ахмети, Груевски во целост да ја прифати т.н. „Албанска платформа“ на што лидерот на победничката ВМРО-ДПМНЕ реагирал одлучно и согласно прогласот на Извршниот комитет на партијата од 17-ти Декември 2016 година, кога јасно беше ставено до знаење дека во Македонија нема да биде дозволена кантонизација, ревизија на Охридскиот рамковен договор, двојазичност и продолжување на мандатот на СЈО.
Освен ова, ДУИ барале и ново знаме, грб и химна, усвојување резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956, рамномерен регионален развој, зајакнување на владеењето на правото, целосно расчистување судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган, решавање на спорот со името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право, вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција…
Тука прекинале преговорите.
Разврската на оваа ситуација сега е во рацете на Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој пак нема можност да го даде мандатот во рацете на претставник од друга политичка партија или коалиција, имајќи во предвид дека членот 90 од Уставот на Р.Македонија не предвидува можност за такво решение. Сепак, некои од т.н. експерти за кои Македонската јавност сведочи дека биле на платниот список на фондацијата на Сорос, упорно се обидуваат да се повикаат на против-Уставниот преседан на Киро Глигоров кој во два наврати го враќаше мандатот од победничката ВМРО-ДПМНЕ (кои се откажаа од власта) прво на Петар Гошев, а потоа и на Бранко Црвенковски.
Како што објаснува и професорот Александар Климовски, уставните норми се императивни, што пак значи дека по истите не смее да има толкување, ниту пак да се носат паушални одлуки. Имепративот на Уставните норми значи и дека се обврзувачки и непроменливи и се спроведуваат онака како што се напишани, а согласно тоа и не смее да има било какво обврзувачко толкување.
Според Климовски, единственото решение сега е да се состави новиот состав на Собранието со една точка на дневен ред, а тоа е избор на нов претседател на Собранието на Р.Македонија и распишување на нови избори.
Извор: infomax.mk