Груевски: „Амфенол“ ќе отвори нова, трета по ред фабрика во Кочани- бројот на вработени ќе достигне 1.300

amfenol-640x324

-Поволната бизнис клима, ниските даноци, владината поддршка на бизнисот, отворениот пристап на владата кон сите инвеститори, реформите кои се спроведуваат, влијаеше за градење на позитивни искуства од функционирањето на првите две фабрики на Амфенол во кои веќе работат три дивизии, или околу 750 работници. Затоа компанијата Амфенол се одлучи за нова, трета, фабрика која e гринфилд инвестиција и која ќе вработи нови 550 луѓе до крајот на оваа 2016-та година. Вкупниот број на вработени ќе достигне 1 300, заклучно со декември 2016-та, што ќе значи егзистенција, сигурна плата секој месец, можност за планирање и градење на сигурна иднина за 1 300 семејства од Кочани и околните населени места, напиша Груевски.

За таа цел покрај тоа што компанијата функционира во објекти кои што се браунфилд инвестиција на површина од околу 6000 м2, во индустриската зона во Кочани, тие веќе градат нова зграда што e гринфилд инвестиција од дополнителни 5 000 м2, која би требало да биде готова до јуни/јули оваа година.

-Новата фабрика ќе биде наменета за производство на сигнални кабли кои наоѓаат примена во автомобилската индустрија. Инаку се работи за глобална корпорација која е меѓу 500 Fortune најголеми компании во светот со широка палета на производи пред се од областа на автомобилската и телекомуникациската индустрија со годишен обрт од неколку милијарди долари, напиша Груевски.

Тоа што компанијата гради нова, трета фабрика, Груевски потенцира дека е најдобар демант за сите критики, но и показател за успешноста на политиката на привлекување на нови странски инвестиции.

-Менаџментот на Амфенол веќе искусил и има позитивни впечатоци од своите две фабрики кои веќе функционираат во Македонија и се одлучил за нова трета фабрика.
Овој успех не е можен без силен ангажман и исклучителна посветеност на владиниот економски тим. Со таквата работа отворивме досега над 150 илјади работни места, овозможуваме услови и покрај големите светска економска и европска должничка криза, развој на нашата економија. Тоа е нашиот ангажман и нашиот најсилен фокус. Ваквите дела ги решаваат проблемите на граѓаните и ние со несмален интензитет ќе продолжиме да работиме за доброто за граѓаните, за работите кои ќе значат и ќе донесат најголема корист за нив, заклучи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.