Првото коло во Првата македонска фудбалска лига започна со пелагониското дерби помеѓу екипите на Победа и Пелистер. Победа беше домаќин на овој натпревар во Битола, поради градежните работи кои се изведуваат на стадионот “Гоце Делчев” во Прилеп.
Битолчани го добија натпреварот со резултат 0:2, со головите постигнати во второто полувреме, и тоа: Бразилецот Фереира Кардосо стрелаше во 76-та минута, а Антонио Бујчески во 4-та минута од судиското продолжение ги запечати трите бода за Пелистер.
Она што остави впечаток е преполниот стадион “Тумбе кафе” и громогласното пеење од многуте љубители на фудбалот. Во Битола присутни беа и голем број припадници на навивачката група Мајмуни, кои заедно со битолските Чкембари направија одлична атмосфера, во духот на коректното навивање и фер игра.