Граѓаните очекуваат отчет: 70 дена нема информација колку се борч јавните претпријатија во Прилеп

Новата локална власт во Прилеп е пред сериозен предизвик. Големата поддршка на локалните избори во октомври беше одраз на големо незадоволство на граѓаните кон претходниците и начинот на кој таа гарнитура владееше со општина Прилеп во изминатите 4 години.

Мандатот на претходниот градоначалник Илија Јованоски и директорите на јавните претпријатија го следеа низа скандали, индиции за сомнителни јавни набавки и незаконско трошење на народните пари.

Опозицијата беше гласна во тој поглед и преку редица прес конференции ја информираше јавноста и бараше од јавното обвинителство да реагира во редица случаи.

Сега со промената на локалната гарнитура, клучот за откривање на начинот на кој се управувало со општината и јавните претпријатија во изминатите 4 години, се наоѓа токму во нивни раце, па затоа граѓаните очекуваат одговори.

Според анкетите кои во изминатиот период ги инициравме преку нашиот портал, граѓаните бараат час поскоро да се обзнани колку должат и во каква состојба се наоѓаат јавните претпријатија во Прилеп. Се бараше дури поставување на билборди по примерот во Тетово за сите да видат како се работело и што се постигнало.

Ревизија на претходното работење е неопходно да се направи час поскоро, затоа што граѓаните со право ја казнија претходната гарнитура и покажаа дека не може повеќе да се манипулира со народната волја.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.