Градските автобуси во Прилеп како “гулабарници”: Прашина и ѓубре насекаде (Фото галерија)

Прилепчанка сведочи за нечистотијата и нехигиената во автобусите од градскиот превоз во Прилеп.

Во допис до нашата редакција ни достави фотографии на кои може да се види дека во автобусите насекаде има прашина и отпадоци.

“Јас како секојдневен корисник на Јавниот градски превоз сум сведок на нехигиената која ја има во истиот, и незадоволството и критиките на корисниците на оваа услуга. Бидејќи досега никој не прави ништо и покрај многубројните критики кои ги слушам секој ден, во прилог ви испраќам фотографии и се надевам дека ќе се преземат соодветни мерки. Бидејќи се загрозува нашето здравје, посебно затоа што сега е актуелен коронавиpycoт, потребно е да се запази чистотата, затоа што автобусите на Јавниот градски превоз ги користат најмногу децата кои одат на училиште и пензионерите”, вели таа.

Јавниот градски превоз е во склоп на Јавното претпријатие за просторно и урбанистично планирање во Општина Прилеп, а изминатите 2 и пол години претпријатието е актуелна тема во политичките препукувања.

Минатата година ЈП за ПУП за потребите на Јавниот градски превоз набави 4 автобуси на метан во вредност од речиси 1 милион евра, или по 250.000 евра за секој автобус.

Директорката Мери Цветаноска беше втор директор на претпријатието од доаѓањето на СДСМ на власт, а беше прозивана од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи при набавката на автобусите не бил распишан меѓународен тендер, но спорна беше и цената од по 250.000 евра.

Сеуште не е познато и дали Цветаноска е сменета и дали сега таа е вработена во ЈКП Водовод и канализација?, прашање кое исто така го поставија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните зборуваат и за тоа дека 2 од новите 4 автобуси моментално не сообраќаат, а сведоци бевме дека често се случуваат и дефекти по улиците.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.