Градоначалниците на Прилеп и Битола се во Шведска, со нив се и директорите на Комуналец – се собираат искуства за управување со отпадот (ФОТО)

Во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво”, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, претставници на општинската администрација и ЈП „Комуналец“, како и претставници на останатите општини учесници во проектот, престојуваат во работна посета на Шведска, во градовите Стокхолм и Јевле, каде што ќе добијат повеќе конкретни сознанија и практични примери на подобрување на услугите на општините и комуналните претпријатија во секторот отпад, како и искористувањето на отпадот – информираат од општина Битола.

Во предвидените активности, беше реализирана посета на фабриката Екогас, која што е во доминантна сопственост на општината. Во неа, се третира органскиот отпад собран од општинските претпријатија, а се обработува околу 27 000 тони отпад годишно. Фабриката произведува 28 GWh гас за возила, со што остварува над 5 милиони евра промет годишно. Исто така, учесниците во проектот беа запознати и со потребата од заедничка меѓуопштинска соработка за управување со отпад, од која што придобивките се повеќенаменски:

• Повисоки законски барања од власта и поголеми очекувања од граѓаните
• Еколошки придобивки
• Пониски инвестициски трошоци
• Споделување на надлежностите и човечките ресурси
• Полесно оптимизација на рутите
• Ист надомест во сите општини
• Заеднички набавки

Општина Битола е една од шесте општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, кои ќе работат на одржливо управување со отпадот, проект финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти и региони (САЛАР) и нејзината подружница САЛАР Интернационал.

Во Шведска деновиве е присутна и делегација од општина Прилеп, предводена од градоначалникот Борче Јовчески. Заедно со Јовчески е и директорот на ЈКП Комуналец Прилеп, Рубин Абрашоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.