Гости од Мексико, Грузија, Индонезија, Хрватска…. Со традиционално фолклорно дефиле започна манифестацијата “Илинденски денови” во Битола (Фото галерија)

Со традиционалното фолклорно дефиле насловено „Со песни и игри низ битолските улици“ од Плоштадот Магнолија, низ Широк Сокак, до
Офицерскиот дом, свечено беше означен почетокот на годинашниот Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

Во дефилето учествуваа дел од домашните и странски фолклорни ансамбли, меѓу кои и гости од Хрватска, Мексико, Грузија, Индонезија, Полска,
Швајцарија и други земји, носејќи ја шареноликоста на своите традиции низ срцето на Битола.

Програмата продолжи на Платото пред Офицерски дом со изведбата на орото „Комитско“ од страна на членовите на КУД „Илинден“ од Битола и свечените обраќања и поздравни говори од страна на поддржувачите на Републичкиот фестивал кој го слави фолклорното богатство и културното наследство.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, посакувајќи им топло добредојде на гостите и учесниците на фестивалот, нагласи дека културата е најсилниот глас на Битола – тивка кога треба, понекогаш гласна, но секогаш горда и жива.

„Овие денови, почнувајќи од 18 јули, па се до 31 јули, Битола е претворена во сцена на звуци, бои, носии, ора и песни од целиот свет. Со над 70 фестивалски настани, повеќе од 1300 учесници, 30 ансамбли од Македонија и интернационални гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска, Битола овие денови повторно станува центар на светскиот фолклор, простор за дијалог меѓу културите, за научна мисла, за креативност и за нови начини на претставување на традицијата.

Од најпрепознатливиот белег на фестивалот, Дефилето со песни и игри низ битолските улици, кој го привлекува вниманието на битолчани и на сите посетители на Битола, преку неизбежниот звук на „Kомитското“ во изведба на КУД „Илинден“ кое ја отсликува македонската историја, традиција и болка, па се до семинарите во кои што сите учесници учат нешто ново за македонската традиционална музика и македонските ора, фестивалот „Илинденски денови“ никого не го остава рамнодушен.

Тоа што го правиме денес, е она што ќе остане утре за нас, нашите деца и внуци, генерациите кои доаѓаат. Да не заборавиме дека културното
наследство не е само сеќавање туку нешто што треба да се негува, споделува и осовременува.Токму затоа, овогодинешниот слоган „Денес за утре“, јасно ја отсликува идејата на фестивалот „Илинденски денови“, но ја претставува и нашата обврска како граѓани: да не заборавиме од каде сме и да им го пренесеме тоа знаење на оние после нас.

Да ја негуваме традицијата, но и да ја носиме храбро кон иднината – со љубов, енергија и отвореност за соработка и разбирање. Во мое лично име и во име на Општина Битола, им благодарам на сите организатори, уметници, волонтери и поддржувачи што овозможија ова издание да биде уште едно незаборавно поглавје во големата приказна што
ја пишува нашиот фестивал „Илинденски денови“, кој е дел од Битолското културно лето“
, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.

Програмата на Републичкиот фестивал „Илинденски денови“, продолжува до 31 јули и се реализира како дел од програмските содржини на „БИТ ФЕСТ“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.