Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до јули 2019 година ќе ја применува методологијата за одредување на малопродажната цена на нафтените деривати која е составен дел од купо-продажниот договор со ОКТА, а потоа согласно Законот за енергетика е предвидено Комисијата да донесе нова методологија, потврди денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
– При носењето на новата методологија ќе направиме повеќе состаноци со сите заинтересирани страни, а особено со активните трговци со нафта и нафтени деривати во земјава со цел да изготвиме методологија што ќе биде во интерес на граѓаните, изјави Бислимовски.
Тој прецизира дека во сегашната методологија е предвидена маржа за трговците од 3,2 денари за продаден литар која е определена уште во 1995 година.
– Тоа ќе го земеме во предвид и ќе пристапиме кон нова методологија. Постои и законска можност да направиме и целосна либерализација на пазарот со нафта и нафтени деривати, но ќе треба да внимаваме имајќи ги во предвид искуствата во соседните земји, потенцира Бислимовски и додаде дека цените на нафтените деривати во сите соседни земји се повисоки.
Нагласи дека смета оти РКЕ треба да изготви нова методологија и да се оди чекор по чекор, а не веднаш да се направи либерализација на пазарот за да нема енормен скок на цената, бидејќи трговците се незадоволни од маржата што ја имаат веќе дваесетина години.
– РКЕ треба во соработка со сите заинтересирани страни да изготви методологија во интерес и на трговците, но и на потрошувачите. Енергетската заедница нема сугестии околу цената на нафтените деривати и нема стриктна регулатива, туку само одредени упатства и појаснувања кои се однесуваат на квалитетот на нафтата и на нејзините деривати, рече Бислимовски.
Иницијативата која потекнува од Грција за повторно активирање на нафтоводот од Солун до Скопје ја оцени како позитивен чекор, бидејќи, како што рече, ќе придонесе за намалување на трошоците за транспорт на нафтени деривати што сега претежно се врши со камиони цистерни.
– Сепак треба да се направат соодветни анализи за да се види што би значело тоа и какво влијание би предизвикало на пазарот во Република Македонија, прецизира Бислимовски.
Извор: press24