Македонскиот интернационален мајстор Тони Лазов освои сребрен медал на втората табла на 45. Шаховска олимпијада што се одржа од 10 до 22 септември во Будимпешта.
Со 7.5 поени од 8 партии, без ниту една изгубена партија и перформанс рејтинг од 2763, Тони успеа зад себе да остави големи имиња на светскиот шах како Sarana Alexey, So Wesley, Praggnanandhaa R и многу други.
По бронзениот медал на Трајко Недев во 1996 година во Ереван, златниот медал на Драгољуб Јаќимовиќ во 2000 година во Истанбул и среброто на Владимир Георгиев од 2004 година во Калвија, ова е четврти пат еден македонски репрезентативец да се закити со медалја на најголемото шаховско натпреварување.
-Честитки за Тони, му посакуваме успех и понатаму, и се надеваме дека наскоро ќе биде следниот наш шаховски Велемајстор.
И секако уште еднаш да не ја заборавиме целата екипа и стручниот штаб кои допринесоа за овој успех: ИМ Атанас Кизов (селектор), ВМ Евгени Романов, ИМ Тони Лазов, ИМ Никола Николовски, ИМ Емил Ристески и ФМ Антон Златков – напишаа од Шаховската федерација на Македонија на социјалните мрежи.