Ечи градот херој, херојски газат прилепчани, се тресе земјата од Македонците кои и вечерва во огромен број излегоа низ градските улици и одново ја поддржаа иницијативата “За заедничка Македонија”.
Прилепчани обединети под црвено-жолтата боја маршираа за зачувување на вековните државни симболи, за зачувување на посебноста на Македонците, за една Македонија, но и за Македонија во која нема да се гази врз честа и достоинството на Македонците.
Веќе трета недела траат мирните масовни протести, а граѓаните се помасовно излегуваат на истите и се ставаат во одбрана на татковината.
Прекрасна беше глетката и вечерва, да се видат толку многу македонски знамиња, да се чујат илјадниците гласови на прилепчани кои од памтивек биле и остануваат на браникот на одбрана на државата.
Вечерва пред граѓаните се обрати легендарниот актер, писател и македонист Благоја Ивчески. Неговите силни пораки за зачувување на мајчиниот јазик допреа до секое срце и предизвикаа вистинска еуфорија кај прилепчани.
“Ние не треба само да се прокламираме како Македонци, треба да дејствуваме како Македонци”, истакна Ивчески.
Под “Маркови Кули” протестите продолжуваат веќе утре, на истата локација, пред хотел “Липа” во 18 часот.