Македонскиот фудбалски репрезентативец Езгјан Алиоски со прекрасен погодок му донесе значаен триумф на Лидс во трката за директен пласман во англиската Премиерлига од 2:1 против Болтон.
Играчот за врска на домашниот тим во 68. минута од дваесетина метри го лобуваше противничкиот голман и го зацврсти Лидс на второто место на табелата во Чемпионшип.
Ова е петти првенствен гол за Алиоски сезонава, вкупно 12. по трансферот во Лидс од швајцарски Лугано пред две години.
По 33 одиграни натпревари тимот на македонскиот фудбалер има 64 бода, два помалку, но и меч помалку од водечкиот Норич, а во Премиерлига директно ќе се пласираат двете првопласирани екипи.