Марк Цукерберг најави големи промени на популарната социјална мрежа во рамките на годишната конференција Ф8. Препознатливата сина боја на позадината ќе биде бела, а се воведуваат и бројачи на лајкови.
Логото на „Фејсбук“ веќе нема да биде во квадратен облик, туку кружен, а првпат се менува и бојата.
Цукерберг се обиде да објасни дека плановите на компанијата се на прво место да се стави приватноста и сигурноста на корисниците, а не рекламите и профитот.
Ова се седумте најважни промени на „Фејсбук“:
1. Пораките кои ќе ги испраќаме преку „Месинџер“ ќе бидат од почеток до крај заштитени и „Фејсбук“ повеќе нема да има увид во нивната содржина. Платформата ќе биде комплетно поврзана со WhatsApp. „Месинџерот“ ќе зафаќа помалку место на мобилните телефони, а наскоро ќе биде пуштена и десктоп верзија на апликацијата.
2. Инстаграм ќе ја воведе и опцијата „приватен бројач на лајкови“. Во тој случај, сите кои ќе посетат некој профил нема да можат да го видат бројот на „лајкови“ и единствено сопственикот на профилот ќе има пристап до тој податок.
3. Ќе има повеќе „кратки“ начини за споделување на содржината во пораките, а тоа значи дека нема да има траен запис за нив.
4. Полесен начин за префрлање пари преку WhatsApp кој се тестира во Индија, наскоро ќе се прошири и во останатите делови на светот.
5. Во фокусот на редизајнот на „Фејсбук“ ќе бидат групите, а препознатливата плава боја ќе замине во историјата. „Њујзфидот“ ќе биде фокусиран на групите, наместо на вестите.
6. Објавите на „Инстаграм“ повеќе нема да мора да почнуваат со фотографија или со видео. Содржината ќе може да се споделува користејќи само текст, стикери или цртежи.
7. Најавена е и опцијата „Сикрет Краш“, слична на досегашната „Дејтинг“ на „Фејсбук“ која беше достапна само во некои земји. Оваа опција ќе функционира како апликацијата „Тиндер“. Ќе можете да ја означите личноста која ви се допаѓа меѓу вашите пријатели на „Фејсбук“ и тоа ќе биде тајно, освен ако таа личност не означи дека и вие ѝ се допаѓате нејзе. Дури тогаш „Фејсбук“ ќе ве спои.