Со положување цвеќе пред спомен обележјето во касарната “Мирче Ацев” и со вечерна богослужба во манастирот Св. Петка кај село Лениште, започна одбележувањето на 24-годишнината од загигувањето на 10-те прилепски бранители кај Карпалак.
На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.
Грозоморниот чин од пред 24 години и денеска предизвикува измешани чувства – гнев, тага, но и надеж дека кога и да е правдата ќе биде задоволена, а виновниците ќе одговараат за своите постапки.
Прилеп секоја години достоинствено им оддава почит на паднатите бранители, а така е и оваа година. Синоќа голем број прилепчани присуствуваа на вечерната богослужба во манастирот Св. Петка кај Лениште – кој е еден од симболите каде се негува споменот на загинатите од Карпалак.
Таму присутен беше и актуелниот заменик министер за економија и труд, Марјан Ристески, кој е еден од преживеаните бранители од црниот 8. август 2001 година.
Нека овој настан остане како вечно сеќавање на згаснатите животи и никогаш повеќе да не се повтори!