За разлика од денес кога вообичаена слика е зад воланот да управуваат жени и девојки со наполнети 18 години и не е ништо чудно и необично, во 1964 година Паре Дудеска била сензација – пишува неделниот весник “ЗЕНИТ”
Била првата жена – возач во Прилеп, а згора на тоа го возела и првото Фиќо во градов кое во тогашна Југославија го добила на лотарија.
Паре со 78 години, уште се гордее дека била првата која во тие конзервативни услови се осмелила да седне во превозно средство на четири тркала и со леснотија да ги совлада возачките вештини. Постојано возела. И сега, повремено за потреба со леснотија се фаќа за воланот.
Ја знае цел Прилеп, ем како првенец во автомобилизмот, ем како шивачка на која работ никогаш не и се искривил и сé што ќе сошиела на муштеријата му стоело како калап.
И по повеќе од половина век, таа со задоволство се сеќава на моментот кога и се насмеала среќата. И паднало фиќото, на кое ,,маста,, му ја извадила од возење, требало нетребало. Се настаменувала на возачкото седиште и терај, и уживај.
– Работев во Солидност. Поминуваше продавачот на лозови. Купив и го ставив во ќесето. Поминало извлекувањето. Не обрнав внимание. Сестра ми работеше во Витаминка и ми донесе весник: ,,Мори сестро, имало фиќо паднато во Прилеп, види! Ко гледам бројот се подесува.
Сабајлето со велосипедот одам во Солидност, а татко ми Коле го зел лозот и отишол во Туристичко биро, весникот и лозот заокружен. Таму го чекаат добитникот 4-5 дена. Никој не се јавил. Кога ќе го видат купончето со кармин исцрвено во чантата. Освен Фиќото, доделија Фиат 1300 и мотори. Мојата награда беше трето, четврто извлекување. На работа честев чоколадца. Дојдоа новинарите.
Во Солидност наместија звучници да се слушне, оти во Прилеп има паднато Фиќо и шефицата ми вели: ,,Стани оди. Сите во тебе гледаат. Барем една нема да работи, а другите ќе работат,,.
Кога си појдов дома, цел Варош собран. Во 2 саатот на радиото Зафирот јави со зборовите кои дури сум жива ќе ги думам: ,,Прв пат купила лоз и добила голема премија, Паре Степанулеска,,! Тоа ми беше моминското презиме – раскажува Паре.
Тоа било убаво доживување, секому да му се случи. Среќниот датум бил 9 април 1964 година, а полагала на 13 јули. Немало комисија овде, па идела од Битола.
– Стартот беше пред гимназијата Кочо Рацин, кај рекана. Деветмина бевме, а јас девојче. Два месеца учевме ,,моторно дело,,. Сите беа трактористи. Ми дадоа столче настрана, а тие на клупи. Кога го извлеков ливчето еден од петчлената комисија извика: ,,Зарем може и овде среќа да те служи,,? – монтирање гума! Ко ,,откачив,,, еден електричар беше, телевизори поправеше и го турнаа. Комисијата рече дека кога ќе имаат кандидати подготвени како мене, да ги викаат. Оттогаш не запрев – вели Паре.
Била примерен возач. Не чувствувала страв. Желба и храброст за возење огромна.
Целата сторија прочитајте ја ТУКА