Откупот на тутунот ќе продолжи во понеделник, протестите се ставени во времено мирување. Ситуацијата ќе се следи до следниот петок, за кога е закажана следната средба на производителите и откупувачите со министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа. Ова е договорено на денешниот работен состанок во Скопје меѓу тутунопроизводителите и откупувачите со министерот Хоџа.
Во продолжение ви го пренесуваме целосно соопштението објавено на веб страната на Министерството:
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ, денеска одржа работен состанок со Сојузот на тутунарски здруженија, Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и претставници на откупните компании.
Постигнат е заеднички договор за прекин на протестите. Сите откупни пунктови да продолжат со откупот и сите останати да се отворат согласно законскиот рок 15. декември.
„За разлика од другите години оваа година многу е мал процентот на откуп, само 1,6 % споредено со истиот овој период лани кога биле откупени 40% и тоа е загрижувачка слика. Но веќе имаме позитивни сигнали, задоволни излегоа и претставниците на одборот на тутнопроизводителите кои протестираа. Прекинувањето на протестите е позитивен сигнал и можам да кажам дека имаме првичен договор“ изјави министерот Хоџа.
Министерот побара од директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, инспекторите да бидат присутни со засилени контроли, да го следат откупот и законски да постапуваат за сите евидентирани нерегуларности.
Тутунопроизводителите да продолжат да го носат тутунот, а сите кои ќе бидат незадоволни од проценетата класа на тутун, слободно да се повикаат на второстепена комисија.
Министерот повика на трпение и доверба помеѓу сите учесници во процесот. За следниот петок закажан е заеднички состанок во Прилеп за да се направи проценка дали е постигнато подобрување во откупниот процес на тутун од годинешната реколта.