Героски: “Не ви иде памет, другарчиња, а ве предупредив дека ќе завршите во карантин!”

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е позитивен на ковид-19. Со денови, со недели Максо бара цело Куманово да биде ставено во карантин. Никој не го слуша. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска сега дава „експертско“ мислење дека тоа барало многу ресурси и дека нема да помогнело – пишува новинарот Бранко Героски во колумна на порталот “Плус Инфо”.

Во својата колумна понатаму тој додава:

– Е да… Сега да, сега веќе ништо не може да помогне. Сега работата полека ви излегува од контрола, другарки и другарчиња.

По средбата со градоначалникот на Куманово, во домашна изолација веќе се (или мора да бидат) премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче. Тие денеска (16 апил) не присуствувале на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.

Османи веќе потврди дека се самоизолирал. Потврди и Филипче. Ако се следат правилата на игра воспоставени токму од македонските здравствени власти, сите мора веќе да се во самоизолација. За нивно и за наше добро. Здравјето, сепак, е пред сѐ. Нивното, но и нашето.

И така, Македонија привремено ќе биде земја во која премиерот, вицепремиерот кој е лекар и министерот за здравство кој е лекар, како и двајцата лидери на најголемите политички партии, покрај градоначалници и пратеници, или се во изолација поради сомневање дека се заразиле со опасната болест, или, не дај боже, веќе се позитивни.

А ме напаѓавте, другарки и другарчиња, ја пуштивте на најјако вашата малоумна пропаганда, кога пред една недела, во колумна, на ова место, јавно предупредив дека ние имаме сериозен проблем и кога го нагласив следново: „Да бевме нормално општество, кое не мора баш да блеска, туку само да функционира на некакво ниво на примарна организираност, за државните раководители и за водечките политички личности ќе имавме посебни протоколи за однесување во вакви екстремно кризни и опасни ситуации“.

Целата колумна на новинарот Бранко Героски прочитајте ја ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.