Германија и во наредните 3 години ќе прима работници од Македонија и регионот, но воведе квота од 25.000

Владата на Германија донесе одлука за продолжување на доселувањето на неквалификувана работна сила од Западен Балкан до 2023 година, но воведе квота од 25.000 годишно.

Одлуката им овозможува на државјаните на Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, независно од формалните квалификации за вработување, да допатуваат во Германија, објави Министерството за труд и социјална политика.

„Продолжувањето на правилото за Западен Балкан за три години е добро за германското стопанство. Одредени бранши, како што е градежништвото, и понатаму бележат експанзија и им требаат работници. Недостигот од стручен кадар не смее во овие бранши да го сопре растот“, изјави министерот Хубертус Хајл.

Тој додаде дека доаѓањето на квалификувана работна сила се овозможува ако нема доволно такви работници во Германија или во Европската унија.

Анализата на Институтот за истражување на пазарот покажува дека 58 проценти од работниците од Западен Балкан се на ниво на стручна квалификувана работна сила или повисоко.

Одлуката ќе стапи во сила од 1 јануари 2021 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.