Гpyeвски pacпали на Фејсбук: Само ние Косово и БИХ молиме за донации, заличивме на пpocјачка земја

Фејсбук статус на поранешниот премиер, Никола Груевски

Култура на живеење од милосрдие, помош и донации и потребата да бидеме нечии штитеници

Постојат три земји во Европа каде културата на живеење и секојдневието на народот почива на примање помош и донации. Тоа се Македонија, Босна и Херцеговина и Косово. Во Косово огромни ставки во буџетот, барем до неодамна, секоја година се пополнуваа со донации. Во Босна и Херцеговина каде има три ентитета штом се случи поголема криза, првиот чекор е рефлекс лидерот на едните да се јави во Белград, на другите во Загреб и на третите во Анкара. Потоа има фалење и натпревар кој што издејствувал.

Третата е Македонија, главно кога левицата ја води земјата, но некако загрижува што и народот се прилагодува на таа култура и не само што не ја критикува, туку се препушта на славење на донаторите, на кој секако треба да им се заблагодариме. Се расправаме кој ни е поголем пријател зависно дали ни донел еден или два авиони заштитни маски и со тоа донирал 200 илјади евра. Благодарност до сите донатори, но да се погледнеме малку во огледало на што личиме.

Па следуваат непријатни дебати кој политичар го издејствувал тоа, па расправии, маалски прес конференции на врвните политичари, а никој во земјата не ги поставува основните прашања…

Зошто ни треба да ни донираат? Зошто ни треба подарок и милосрдие? Зошто постојано друг да се грижи за нас? Не е малку срамота сѐ некој по некоја маска и ракавици да ни даде како да сме африканска држава? Зошто ние да не сме тие кои ќе донираат на други?

Не сме способни да набавиме маски и ракавици како што цел свет го прави тоа? Не, способни сме! Познавам наши трговци што снабдуваат со заштитни медицински материјали други држави и странски институции во други земји и велат дека кај нас никој не им се обраќа, а додаваат дека и подобро што е така оти ќе си навлечат само проблеми. Поразително.

Немаме пари за набавки? Не. Тоа се минорни ставки за буџетот и лесно може да се обезбедат. Неколку стотици илјади евра па дури и неколку милиони евра не претставуваат нерешлива загатка за еден буџет како Македонскиот, дури и ваков во криза и со намалени приходи.

Тогаш што е проблемот? Организација? Волја? Или култура? Паднат дух? Колективна депресија?
Разбирам дека бевме затекнати во првите две недели од кризата. И други земји беа, но се организираа и сега функционираат нормално, па многу кои тогаш примаа донации сега донираат на други(Унгарија, Словенија, Србија и многу други).

Пандемијата оди кон крајот на нејзината прва фаза, а ние уште чекаме милосрдие и вест на денот е кога некој ќе ни донира нешто. Некој дал маски, друг ракавици, трет 12 респиратори, четврт ни дал тестови или скафандери, по некој шатор и сѐ така. Заличивме на просјачка земја, а не ни е финансиската состојба таква да треба така да се однесуваме затоа што станува збор за набавки кои буџетот може да ги поднесе.

Вест на денот е кој што ни донирал.

Не е вест на денот, на пример, уште во првата недела од пандемијата дека педесет текстилни фабрики во Македонија, кои и онака во овој период немаа работа, добија задача и задолжение од државата да го пренаменат производството во заштитни маски и скафандери, а некои други во ракавици. Владата им гарантира откуп на одредена количина, а другото ќе оди за извоз и им дава одредена финансиска поддршка за првата набавка на суровина.

Не е вест на денот дека владата ја задолжила некоја компанија производството да го пренамени во производство на дезинфекциски средства и дека за две недели тоа се завршило, со грант на државата.

Не е вест на денот дека државата задолжила некоја фабрика итно да набави опрема за производство на респиратори и за тоа и ставила на располагање комбинација од грант и бескаматен долгорочен кредит од 5 милиони евра или колку и да треба. На пример Реплек, или Алкалоид, или која и да е. Освен за Македонија огромни количини ќе одат и за извоз. Ако се почнеше во март сега веќе ќе произведуваа. За респиратори зборуваме, а не за вселенски бродови.

Не е вест на денот дека Македонија во периодот додека да започнат нашите фабрики да произведуваат, закупила пет производни линии во приватни фабрики во Кина за изработка на заштитни средства и дека на крајот на првата недела од кризата веќе стигнале првите количини.
Не е вест на денот дека два научни институти во Македонија добиле задача од државата да произведат вакцина против Корона вирусот и поголеми количини тестови за Корона вирусот и за тоа се ставени на располагање два, или колку е потребно, милиони евра.

Не е вест на денот дека Македонија барем симболично испратила донација во северна Италија, во Шпанија, САД и на соседите во регионот, по два полни авиони маски, ракавици и скафандери, средства за дезинфекција, по 50 респиратори и поголеми количини на средства за дезинфекција и претставник на Македонија да ги предаде истите на претставници на овие земји.

Не е вест на денот дека Македонија на еден месец испратила медицински тим од 30 луѓе во Северна Италија да помогне на најзагрозените градови и болници, како што направи на пример Албанија.

Зошто? Ова не е фантазија. Ова не е надреално. Ова е изводливо и што е најважно веќе месец-два го прават други земји. Го прават многу држави и тоа не само големите и моќни како ЕУ и Америка (повеќе во парична помош) или Русија и Кина (повеќе како стокова помош). Го прават помали, источно европски па дури и балкански земји, како Унгарија (речиси се од споменато), го прави Словенија, го прави Србија (понуди респиратори на сите европски земји откако Галеника го пренамени производството), Бугарија, Албанија (медицински тимови во Италија).

До кога ќе живееме со ментален склоп на штитеници? Зошто ни треба некој да ни кажува дека во кризата стои зад нас и нас тоа да ни дава кураж како да сме деца, наместо самите да се организираме и да покажеме дека знаеме, можеме, помагаме на себе и на други. Си ги решаваме проблемите сами. Да бидеме пример за многу други.

Вака беше во здравството во деведесеттите години, но и подоцна со левичарските влади во Македонија. Не се набавуваше медицинска опрема и апарати, а се чекаа и славеа донации од Јапонија, Америка и други и тоа беше вест на денот.

Од 2006 до 2017 година покажавме и се уверивме дека можеме и поинаку, многу поинаку. Се набавија повеќе стотици медицински апарати и опрема, па критиката беше зачестениот PR на владата со тоа. Мамографи, компјутерски томографи, магнетни резонанси, литотриптори, ангиографи, 4D Ехо апарати, лапароскопски опреми, акцелератори, комплетна опрема за државната кардиохирургија, операциони столови разни опреми за разни видови операции и многу други апарати кои не ги ни паметам како се викаа, плус лекарите масовно и постојано се праќаа на обуки да научат нови методи и техники на работа од понапредните клиники низ светот.
Зошто тоа запре? Зошто пак да просиме? Од каде тој ментален склоп на неспособни кои мораат да молат некој да се смилува и да ни фрли нешто?

Знам дека не е до немање пари? Оти како тогаш имавме? Имавме и за тоа, и за субвенции на новите фабрики кои ги носевме и за компјутер за секое дете и за ваучери за студенти за компјутери и за патишта, и за нови градинки, реконструкции и градби на болници и училишта, и за нови хелихоптери и оружје за полицијата и армијата, и авиони за гаснење пожари, и за нови возови и локомотиви, и за нови автобуси, и нови хидроцентрали, ветерници, брани, водоводи и канализации, и за повисоки плати, пензии, субвенции за земјоделците, туристите и евтини авио-линии, социјална помош, и за сѐ, па ако сакате и за споменици, фасади, музеи, театри, спортски игралишта па и чартер летови за навивачите.

Не велам дека и сега не се прави по нешто од ова, но поентата ми е дека имаше пари за сѐ и дека и сега има пари. Секако и тогаш доаѓаше по некоја донација од богатите држави, но тоа беше капка во море во однос на она што сами го создававме и испорачуваме.

Зошто повторно летаргично паднавме со духот и секојдневието ни стана животот на донации? Што ни се случи да од една таква атмосфера преминеме во континуирани баратели и чекачи на донации.

Но дури и сега можеме да почнеме поинаку. Затоа што летово вирусот нема да го победиме, но малку ќе се намали, ќе почнеме претпазливо да живееме со него, ќе се отворат границите, ќе полетаат авионите, ќе се рестартираат многу запрени бизниси, може и рестораните ќе проработат, ќе ја ставиме на тест нашата самоодговорност и дисциплина, ќе живееме и комуницираме на поголема раздалеченост, без социјални, спортски и забавни собирања, нема да е како претходно, но ќе е подобро од март и април. Но, многу е веројатен втор бран на вирусот што може да значи тешка есен и уште потешка зима и се така до излегувањето лек или масовната вакцинација најверојатно следната пролет, а како што има некои надежи и најави, и за некој месец порано.

Ова би бил крај доколку вирусот во меѓувреме не мутира.

Пак ли ќе бараме следната есен и зима донации? Пак ли ќе се занимаваме со споредби кој ни дал повеќе поклон и милостина, западот или истокот? Пак ли ќе се расправаме кој ја издејствувал донацијата, Коце или Петре? Пак ли медицинскиот персонал, војската и полицијата ќе се без заштита? Пак ли министри ќе одат на аеродром со камери оти стигнала донација од сто илјади евра и до небо понижувачки ќе се заблагодаруваат на дарителот, наместо навреме да се организираат, не само да ја обезбедуваат нацијата, туку да го вртат победничкиот дух, да ја промениме сликата за нас, но уште поважно мислењето за самите себе. Тоа мислење за самите себе не влече надолу, не кочи, ни ја убива самодовербата, ги брка младите од земјата.

За крај уште две работи.

Затворите и притворите освен што се полни со политички затвореници кои неправедно и од политички мотиви и политички прогон се ставени таму, освен што условите се мизерни, тие се и идно можно жариште на Корона вирусот. Повеќе земји во значајна мерка ги испразнија истите. Време е и Македонија да го направи тоа, додека не е доцна. Во крајна линија постои законска можност затворениците дома да ја отслужат казната со алка на раката која не може да се извади и која преку сигнал потврдува дека се дома. Секое непостапување, ќе значи преземање огромна одговорност од оние кои одлучуваат доколку почнат луѓе да им умираат.

Терајќи вака со донациите дојдовме да бидеме земја со убедливо највисока смртност во регионот на еден милион жители и втора со најмногу заразени во апсолутни бројки.

Засега и се до масовното вакцинирање покрај социјалната раздалеченост, заштитните средства ќе се единствениот инструмент за спречување на заразата со Ковид 19.

За секој кој смета дека кризата се надминува, потсетување дека заштитните средства ќе станат задолжителни и нужни уште најмалку цела една година.

И донаторите ќе кренат раце од нас, доколку не се организираме.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.