Вучиќ за Македонците: Го прифаќаме нивниот јазик и нација, ние сме единствените кои немаме никаков проблем со нив

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека претстојната средба „Отворен Балкан“ во Тирана ќе донесе многу добри и важни заклучоци, како и многу придобивки за сите граѓани.

Веруваме дека се приближуваме до она што многу ќе го олесни движењето не само на граѓаните кои би сакале да патуваат, туку и на бизнисмените и во протокот на стоки, услуги и капитал. Ќе ги поврземе нашите народи кои ќе имаат многу поблиски односи отколку во минатото – изјави Вучиќ во интевју за ТВ Пинк.

Во тој контекст, тој потсети дека денес Србија е призната од Македонците како нација и земја која е најблиска до Македонија и нивните граѓани и додаде дека тој добрососедски однос мора да се чува и надградува.

Ние го прифаќаме нивниот јазик, нивната нација. Им посакуваме се најдобро, на Македонците, Албанците, Србите и сите граѓани на Македонија. Ние сме единствените кои немаме никаков проблем со нив – додаде Вучиќ.

Српскиот претседател истакна дека добил видео од албанскиот премиер Еди Рама од селанец од северот на Албанија кој на пазарот ги објаснува предностите на „Отворениот Балкан“.

Како што кажа Вучиќ, селанецот рекол дека многу ќе му значи ако може со својата стока да оди во Белград.

Знаете ли што се би можеле да извезуваме, многу повеќе, а што би извезувале би се сменило, затоа што можеме наместо суровини да извезуваме многу повеќе полупроизводи и финални производи, а тоа се повисоки цени – објасни Вучиќ.

Тој потсети дека на овој начин нордиските земји се поврзаа по вековни војни, што им донело само добро.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.