Храмот „Св. Преп. мчца. Параскева (Петка) Римјанка“ во нас. Точила, Прилеп, поттикнат од големиот интерес од минатата година, по втор пат го распишува БОЖИКНИОТ НАГРАДЕН КОНКУРС за литературна и ликовна уметност на кој право на учество имаат учениците од основните училишта во Општина Прилеп. Овој празничен конкурс е можност за сите основци од нашата општина да го изразат својот талент преку збор и боја, и да го почувствуваат Божикниот дух преку создавање.
ЦЕЛТА НА КОНКУРСОТ е приближување на празникот до срцата на децата, нивно обединување во радоста на Рождеството и да се промовираат важни вредности преку творештвото. Конкурсот носи и воспитно-образовен карактер, поттикнувајќи ги младите да се изразат преку уметност и да го развиваат својот креативен потенцијал.
ТЕМА: „Рождество Христово – Божикната радост во нашиот дом“
– Учесниците можат да творат за моментите поврзани со рождеството Христово или да го насочат вниманието кон семејните вредности и топлината на Божикните празници и да ја претстават радоста на Божикните моменти дома со своите најблиски.
Учесниците ќе се натпреваруваат во две категории: литературна и ликовна уметност, поделени по одделенија:
– I категорија: Од 1-во до 5-то одделение
– II категорија: Од 6-то до 9-то одделение
УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО:
– ЛИТЕРАТУРНА КАТЕГОРИЈА – Пријавените можат да создадат проза или поезија (само една творба) до две страници во А4 формат, со фонт 12.
– ЛИКОВНА КАТЕГОРИЈА – Пријавените можат да подготват цртеж на блок бр. 4 или 5.
Конкурсот трае од 18 ноември до 18 декември 2024. Творбите треба да бидат потпишани со име, презиме, училиште, одделение, име на менторот (ако има), адреса на живеење и контакт телефон. Творбитете треба да се достават ИСКЛУЧИВО ВО ХРАМОТ.
ОЦЕНУВАЊЕ И НАГРАДИ:
Творбите ќе ги оцени стручно жири во состав:
– Блага Тутеска, наставник по македонски јазик во пензија и поетеса
– Павлинче Чочкова, наставник по македонски јазик во пензија
– М-р Александар Џинго, професор по ликовно образование
– Елена Димоска, наставник по ликовно образование
– Протоереј Љупче Петрески, старешина на храм Св. Петка
Во секоја поткатегорија ќе бидат избрани победници на прво, второ и трето место.
СВЕЧЕНО ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДИТЕ
На Бадник, по утринската богослужба (11:00 ч), ќе се одржи свеченото прогласување и доделување на наградите, пропратено со духовна и културно-уметничка програма. Сите учесници со нивните ментори ќе добијат пофалници и награди, а првонаградените ќе добијат дипломи и предметни или парични награди. На платото пред храмот ќе бидат изложени сите дела, а победниците во литературната категорија ќе ги прочитаат своите творби пред присутните.
Организаторот, храм „Св. Петка“, го задржува правото да објави дел или сите творби на својата фејсбук страница: Храм Света Петка Прилеп, како и фотографии од доделувањето на наградите на Бадник.
Со овој конкурс се надеваме дека ќе го поттикнеме развојот на креативните способности кај младите, негувајќи ја љубовта кон литературата и ликовната уметност, и со тоа ќе придонесеме кон градење на вредности кои ќе ги следат и во иднина.
Се радуваме на вашето учество и ве охрабруваме да го изразите вашиот творечки дух! Божикната радост нека биде вашата инспирација!
Бог нека ве благослови и инспирира!
Со почит,
В.д. старешина на храм Св. Петка
Протоереј Љупче Петрески