Фудбалерите на Победа го претрпеа и вториот пораз на подготовките во Охрид. Во третиот пријателски натпревар денес се поразени со 1-3, полувреме 0-2, од 9-топласираниот тим во Српската Прва лига, Спартак Суботица.
Во отворена игра од двете страни тренерите Штерјовски и Чернишов комбинираа со составите давајќи им шанса на повеќе фудбалери во текот на натпреварот. Во првиот дел гостите беа поконкретни и поопасни постигнувајќи два гола, а имаа и два удари во стативата. Поведоа во 15-тата минута повторно по прекин (како што Победа го прими првиот гол и во идентичниот пораз од Борац Чачак), а стрелец беше Мудрински.
Во 40-тата минута убава шанса за израмнување пропушти Мустафов кој од 10-тина метри биеше во Јовиќ.
Казната стигна во 44-тата минута кога Ивановиќ во пробив по десната страна ја материјализираше одличната асистенција на најдобриот играч во првиот дел Главчиќ.
Во вториот дел беа извршени повеќе замени. На самиот почеток искусниот Гешоски пресече комбинирање на гостинските штопери и само што веле во казнениот простор беше фаулиран од голманот Остоиќ. Самиот Гешоски успешно го претвори пеналот во гол за 1-2.
Овој период протекна во порамноправна игра во која Победа беше пооргазнирана и поопасна по противничкиот гол, но и овојпат завршницата се покажа како клучен проблем. На спротивната страна гостите во 70-тата минута ја искористија млитавоста на фудбалерите на Победа. Јововиќ меѓу 4-5 наши играчи асистираше до Пуровиќ кој одигра повратна топка до Јововиќ кој истрча меѓу неколкуте наши играчи и го матираше Талески. До крајот Победа се закани во неколку акции но без опасност по голот на Спартак.
По двата порази со идентични 1-3 од Борац Чачак и Спартак Суботица Победа утре од 14,30 часот на стадионот Билјанини извори ќе се сретне со прволигашот од Босна и Херцеговина Крупа од Врбас.